Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

[Галерија] Радио МОФ на „Земјотрес“

Со три музички подиуми и над дваесеттина изведувачи од домашната музичка сцена, во саботата во МКЦ се одржа јубилејното, десетто издание на Фестивалот на свежа, домашна и независна музика „Земјотрес“.

Две години пред истек на договорот, концесионерот на „Лојане“ сaка да си оди без да го исчисти арсенот

Турскaта компанија „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ што требаше до 2024 година да го исчисти отпадот кај некогашниот рудник на арсен и антимон „Лојане“, доставила до Министерството за економија барање за едностран раскин на договорот за концесија. Компанијата влезе во „Лојане“ во 2014 година, потоа во 2018 доби дозвола за експлоатација, но има продадено само 60 тони од опасниот арсен сулфид и другите минерални суровини. Ова е само 0,4% од вкупно 15.000 тони опасен отпад кој е оставен на отворено, незаштитен и загадува сè околу себе – локалната вода, почвата, околните реки, а граѓаните на липковскиот крај се жалат дека жртви стануваат и нивните деца.

[Галерија] Критична Маса: Скопјани возеа за нула жртви во сообраќајот

Почнувајќи од веќе познатата локација на секоја Критична маса, Плоштад Македонија па се до паркингот пред сообраќајната полиција во населба Пролет, десетици велосипедисти вчеравечер испратија пораки и барања до надлежните за поголема безбедност и нула жртви во сообраќајот.

Јасно и Гласно: Училиштата – промотори на инклузија или дискриминација?

Има ли некаква одговорност по основа на дискриминација за малата Ембла? Овој случај беше изолиран, или е еден од многуте во македонските училишта? Кој е коренот на дискриминацијата во школите? Треба ли поголема едукација за кадарот, подобри услови и буџети во училиштата, за тие да бидат промотори на инклузија, а не на дискриминација?

На овие прашања зборуваме во новата дискусија „Јасно и гласно“, овој пат со фокус на дискриминацијата во образованието за лицата со атипичен развој.

Само 6,6 отсто од студентите некогаш пријавиле дискриминација на факултетите покажа истражување на МОФ

Алармантно ниска е бројката на студенти кои пријавуваат дискриминација на факултетите. Новото истражување на Младинскиот образовен форум покажува дека само 6,6 % од студентите некогаш пријавиле дискриминација на нивниот факултет. Поразителен е и фактот дека само 7,6 % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, за која сметаат дека неефикасно се спроведува.