Само 6,6 отсто од студентите некогаш пријавиле дискриминација на факултетите покажа истражување на МОФ

Алармантно ниска е бројката на студенти кои пријавуваат дискриминација на факултетите. Новото истражување на Младинскиот образовен форум покажува дека само 6,6 % од студентите некогаш пријавиле дискриминација на нивниот факултет. Поразителен е и фактот дека само 7,6 % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, за која сметаат дека неефикасно се спроведува.

Истражувањето се осврнува на студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово.

Во него учествуваа 790 испитаници, од кои дури 29,7 % кажале дека ја почувствувале дискриминација на своја кожа. Од нив, 16,96 % се студенти на УКИМ, 1,39 % на УКЛО, 5,31 % на УГД, 5,31 % на ДУТ и 0,63 % од оние кои студираат на два универзитета.

Академската средина претставува најнепосакувана клима за студентите кои се геј/лезбијки и тие во најголема мера размислувале да си заминат затоа што не се чувствуваат прифатено, но и во најголема мера сметаат дека не им се ценат мислењата и дека немаат можност да го изразат својот потенцијал, покажуваат наодите.

Дополнително, Ромите се чувствуваат најмалку ценети како да не припаѓаат на универзитетот и дека универзитетот нема посветеност кон правичноста, еднаквоста и инклузијата и во најголема мера размислувале да го напуштат универзитетот затоа што се чувствувале изолирано.

Ова се дел од податоците на истражувањето кои денеска ги претстави професорката Софија Арнаудова Георгиевска од Филозофскиот факултет при УКИМ.

Според податоците до кои стигнала, студентите го гледаат деканот како моќна фигура што може да придонесе за намалување на дискриминацијата и го гледаат како човек кој влијае на тоа да се донесат одлуки понатаму да се преземе постапката во целост.

„Тука си го поставувам прашањето, каде се студентските собранија? Зошто студентите повеќе веруваат на деканот, а помалку на студентското собрание?“, праша таа.

Покрај ова, истражувањето забележува дека студентите во најмала мера остваруваат контакти со лица со попреченост и со лица со различна сексуална ориентација во рамки на кампусот, како и со лица кои имаат попреченост во учењето, психолошки или други тешкотии што не се видливи.

Во однос на сексуалната ориентација, во рамки на својата група, најголем процент на дискриминирани студенти има кај студентите кои се геј/лезбијки (43,5 %), се наведува во истражувањето.

Арнаудова Георгиевска препорачува да се воведат измени и дополнување на Законот за високо образование, како и на интерните акти за заштита од дискриминација во рамки на универзитетите.

Сподели дека на Филозофскиот факултет веќе е формирана комисија со иницијатива да извршат проверка на сите студиски програми за да видат колку навистина во предавањата, во предметната програма и во литературата што се користи постои дискриминација. Ова, според професорката Арнаудова Георгиевска, може да биде позитивен пример и за останатите факултети и универзитети.

За време на дискусијата, пак, студентската правобранителка на УКИМ, Теа Мицевска, рече дека малиот број на пријави од студентите во однос на дискриминацијата се должи поради нивната неинформираност за механизмите за заштита и остварување на своите права.

Последен пример за дискриминација што стигнал до неа е за студент со Даунов синдром каде професорот изјавил дека тој не би дозволил да пише оценка и да положи студент со таква попреченост.

„Не би можеле да се бориме за инклузивно општество, а да ги прифаќаме таквите појави“, забележа таа.

Таа изјави дека иако немаат многу формално доставени пријави, сепак се соочиле со сведоштва на студенти кои не се осмелуваат да ги пријават прекршувањата на нивните права поради страв.

Мицевска смета дека најважно е студентите да бидат информирани кои се основите на дискриминацијата и во каков облик може да се појави.

„Нашата правна рамка е доста штура, само начелно се уредува дискриминацијата во рамки на актите на универзитетот. Во Етичкиот кодекс е начелно спомената, а во Законот за високо образование речиси и да нема некои особено релевантни одредби според кои би можеле да се водат студентите“, смета Мицевска.

Постои по закон Комисија за заштита од дискриминација која треба да биде составена од неколку професори, но таа забележа дека не е информирана дали воопшто е составена и ако е, дали на некој начин функционира.

Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација истакна дека во изминативе година и месец колку што постојат како тело, имаат примено само една претставка од студентка за извршена дискриминација, од 167 предмети кои ги имаат изработено.

„Не верувам дека ситуацијата е толку розова“, забележа тој.

Се работело за случај на индиректна дискриминација врз студентите кои сега почнуваат со студирање и аплицираат за стипендии. Тие земаат поголеми стипендии од оние што веќе ги користат.

„Нема усогласување на програмата за студентски стандард каде има студенти кои под исти услови аплицираат за стипендии а добиваат различни висини во зависност од кога првпат аплицирале“, појасни Јадровски.

Но, покрај со претставки, Комисијата делува и преку судски постапки за спречување и заштита на дискриминација во високо образование. Па така, периодов чекаат информација дали судот ќе им дозволи да се вклучат во судски процес за учебник од Филозофскиот факултет, против кој има поведено постапка поради вознемирувачки содржини.

За решавање на проблемот, вели Јадровски, потребно е да бидат повеќе тела вклучени во процесот за да има ефикасна превенција и заштита.

Во дискусијата учествуваа и претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКЛО Симона Наумовска, како и на УКИМ Ева Цветковска.

„Јас лично дискриминацијата најостро ја осудувам и не би сакала да е присутна во ниту една сфера во животот. Меѓутоа, колку и да се бориме против неа, со неа се соочуваме од најрана возраст“, смета Наумовска.

Таа тврди дека УКЛО работи по највисоки вредности како хуманост и негување на еднаквоста меѓу студентите, професорите и соработниците. Но, анкетата на МОФ покажа дека дискриминацијата и овде е застапена во поблага форма.

Од друга страна, Цветковска потсети дека е потребно да се формира Комисија за заштита од дискриминација при универзитетот, но и зголемување на капацитетите на студентските правобранители.

„Секоја чест на тие 6 проценти кои се охрабриле да пријават до деканите, но и тоа е алармантно ниска бројка“, заклучи таа.

Цветковска и Мицевска најавија дека работат на прирачник за борба против дискриминација кој треба да биде достапен од наредната недела на веб-страницата на УСС УКИМ. Идејата е на едноставен начин на студентите да им ја олеснат процедурата за пријавување дискриминација.

Емилија Петреска