Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. [Интервју] „Спознавање“: Не сакаме списанието да стане место на реклами, туку целиот простор да им се отстапи на уметниците

Дигиталната платформа „Спознавање“ чија цел е промоција на младите уметници неодамна го објави првиот број од печатеното издание. Зад неа стојат ентузијастите Дарко Беровски и АнаМарија Мишачковска кои ова катче го претставуваат како место каде младите можат да ги изложат своите нови креативни парчиња.

Поттикот, како што за Радио МОФ открива Беровски, го пронашол во желбата за формирање ваков простор за уметници во реалноста, кој претходно, како што рече, постоел само апстрактно.

[Интервју] „Спознавање“: Не сакаме списанието да стане место на реклами, туку целиот простор да им се отстапи на уметниците

2. [Фото] Лисичани повторно на улица: Не се нашите имоти за вашите профити

Опремени со свирчиња, тапани и транспаренти, лисичани излегоа на нов протест на раскрсницата на булеварите „12. Македонска бригада“ и „Србија“, како револт против Деталниот урбанистички план ЈИ09, за кој велат дека ќе им го наруши мирот, ќе донесе бетонизација и ново загадување во и онака загадената населба во општина Аеродром.

Дел од булеварот „Србија“ повторно беше блокиран, додека насобраните жители на Лисиче упатија пораки „Не се нашите имоти за вашите профити“, „Стоп за урбаната мафија“, „НЕ за згради во Лисиче“, „Ние или тие“ и „Колку ПМ се доволни за смрт“.

[Фото] Лисичани повторно на улица: Не се нашите имоти за вашите профити

3. [Интервју] „КЕМ“ – Хип хоп поезија и освежување на алтернативната музичка сцена

Многумина често ги најавуваат како бендот „Ние сме КЕМ“ поради нивниот потпис на социјалните мрежи. Сепак, ние сме дечки, а тие се „КЕМ“ во состав на Емир Јашаров, продуцент и гитарист, Марко Марковски, вокал, Катерина Начева, исто вокал и басистка и Марко Захариев, тапанар.

„КЕМ“ е фузија од инди, хип хоп, ар ен би, семплови од авторска гитара и синтисајзер, пикник мелодија и поезија со истовремена критика до општеството, што од неодамна ја раздвижува алтернативната музичка сцена кај нас.

Тие пред некој ден ни беа на гости долу во студиото на Радио МОФ, на подкастот „Celebratelife“ АМ шоу кај Индог. Со нив поразговаравме за нивното музицирање, темите за инспирацијата, сцената и следните планови. Неизбежно беше да ги прашаме за симболиката на краткото име на бендот.

[Интервју] „КЕМ“ – Хип хоп поезија и освежување на алтернативната музичка сцена

4. Во интерес на децата е школите да оформат инклузивни тимови, а ние да ги комплетираме службите, вели раководителот на МКФ

Училишната година заврши, но пред да почне новата 2023/2024, мора дополнително да се подобрува инклузивното образование, капацитетите и ресурсите. Инаку може да биде тешко од септември. Зборувам во најдобар интерес на децата со попреченост, но и за сите деца воопшто, вели во разговор со Радио МОФ Горан Петрушев, раководителот на Службата за функционална проценка на деца и младинци.

Оваа Служба изминативе години доби важна улога во целиот систем на инклузивно образование. Телата што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) прават проценка на сите атипични деца, дали им е потребен образовен асистент, Индивидуален образовен план (ИОП) или модифицирана програма, за потоа инклузијата да се одвива во училиштата.

Петрушев вели дека иако постојат видливи поместувања, инклузивниот систем мора да се подобрува, постојано.

Во интерес на децата е школите да оформат инклузивни тимови, а ние да ги комплетираме службите, вели раководителот на МКФ

5. #НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Љиља Прентовиќ

Овојпат во рубриката #НизТвојотОбјектив ја имаме Љиља Прентовиќ ака Електра. Таа е дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде ги продолжува и магистерски студии на истиот отсек.

„За мене фотографијата е релаксација. Најубавите идеи секогаш ми доаѓале во сон и никогаш не сум сакала фотографијата да биде на некој начин обична. Човекот има таква несвесна убавина што ја носи на себе“, вели таа.

Прентовиќ раскажува дека за неа е предизвик да ја изнесе на површина целата недоверба и да прикаже колку е всушност прекрасна.

„Но сепак, она што се нарекува ‘спонтано’…е најубаво“, забележува таа.

#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Љиља Прентовиќ

БОНУС:

#Поларис: Запознајте се со Гералт, професионален Вештер

#Поларис: Запознајте се со Гералт, професионален Вештер