[Фото] Лисичани повторно на улица: Не се нашите имоти за вашите профити

Опремени со свирчиња, тапани и транспаренти, лисичани попладнево излегоа на нов протест на раскрсницата на булеварите „12. Македонска бригада“ и „Србија“, како револт против Деталниот урбанистички план ЈИ09, за кој велат дека ќе им го наруши мирот, ќе донесе бетонизација и ново загадување во и онака загадената населба во општина Аеродром. 

Дел од булеварот „Србија“ повторно беше блокиран, додека насобраните жители на Лисиче упатија пораки „Не се нашите имоти за вашите профити“, „Стоп за урбаната мафија“, „НЕ за згради во Лисиче“, „Ние или тие“ и „Колку ПМ се доволни за смрт“.

Некои ги повикуваа и возилата што минуваат да „свирнат за поддршка“.

„Не ни требаат згради. Не се потребни! Нема да вршат никаква функција за жителите на Лисиче. Само ќе се угушиме“, вели за Радио МОФ Тодор Кацаров, локален граѓан и активист од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“.

Местото каде се одвиваше протестот е во близина на локацијата каде стравуваат дека ќе никне 12-катница, една од повеќето згради предвидени со ДУП-от ЈИ09. Жителите уште додека планот беше на јавна анкета, се обидоа со поднесување анкетни листови да ја спречат штетата со која, како што рекоа, ќе се наруши спокојниот живот во населбата, а притоа имаше петиција потпишана од над 700 жители.

Општина Аеродром ден пред минатонеделниот протест излезе со соопштение дека се прифатени забелешките од граѓаните и се изготвува втора верзија на ДУП за дел од Лисиче, но жителите ваквиот потег го окарактиризираа како обид за манипулација.

„Повеќе од два месеци чекаме одговор на нашите забелешки од анкетните листови. Реално, не ги слушнаа нашите поплаки, затоа ќе продолжиме да се бориме. Проблемот е тука, останува се’ додека не се откажат од овој кобен предлог-ДУП“, посочува Кацаров за Радио МОФ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Инаку, Призма уште во април објави дека во спорниот дел во населбата Лисиче двајца сопственици на познатата компанија „Голден арт“, Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, имаат во сопственост пет катастарски парцели со вкупна површина од 1.181 квадратен метар, заведени во имотниот лист како ниви.

Тие, како што пиша Призма, преку деталениот урбанистички план треба да влезат во градежна парцела на која е предвидена 12-катница, односно станбен објект со приземје, десет ката и поткровје. Таа би била најголема од редицата висококатници.

Бојан Шашевски