Шпанија ќе забрани инфлуенсерите да промовираат нездрава храна на деца

Шпанските власти соопштија дека планираат да воведат забрана инфлуенсери на социјалните мрежи, телевизиски презентери и спортски ѕвезди да промовираат нездрава храна и пијалаци на деца.

Според предлогот, кој засега е ставен на јавна дебата, секој што е во позиција која има влијание врз децата ќе има забрана да рекламира храна и пијалаци кои имаат високи содржини на шеќери, натриум, сол или масти, пренесе Гардијан.

„Забраната ќе оневозможи појавување во реклами на родители, едукатори, наставници, детски телевизиски ѕвезди, спортисти, уметници, инфлуенсери и луѓе и ликови, било тие да се вистински или измислени, кои претставуваат пример за однесување на малолетниците“, стои во предложените измени кои ги објави шпанското Министерство за потрошувачи.

Министерството ги опишува инфлуенсерите како „лица кои имаат високо ниво на влијание врз децата и младите поради нивниот голем број следбеници на социјалните и дигиталните медиуми и кои стапуваат во интеракција со нив преку пораки, блогови, постови, видеа или слични содржини“.

Според предлогот од популарни ликови, кои се омилени меѓу децата, ќе се бара да се вклучат во кампањи за јавно здравје и едукација со цел да промовираат физичка активност и здравје, како и одржливи и одговорни навики во исхраната.

Овој потег доаѓа пет месеци откако министерот Алберто Гарзон, од Министерството за потрошувачи, најави дека ќе биде воведена забрана на рекламирање нездрава храна наменета за децата преку ТВ, онлајн, социјалните медиуми, кино-салите, весниците и преку радијата. Забраната ќе се однесува на храна како чоколади, торти, енергетски пијалаци, сокови и сладоледи.

Истражување од 2019 година покажа дека нешто преку 40% од децата во Шпанија, на возраст од шест до девет години, имале прекумерна тежина. Од нив 17% биле класифицирани како гојазни.