Шпанија го прифати бродот со мигранти одбиен од Италија и Малта

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека државата ќе го прими спасувачкиот брод „Аквариус“ на кој се наоѓаат 629 мигранти, кој беше заглавен во Средоземното Море, за да се избегне хуманитарна криза.

Потегот доаѓа откако Италија и Малта одбија дозвола бродот да пристапи до нивните пристаништа.

Мигрантите на „Аквариус“ викендов од гумени чамци преминале на бродот во шест различни спасувачки акции според невладината организација „СОС Медиретан“, пишува ББЦ.

„Наша должност е да избегнеме хуманитарна катастрофа и да обезбедиме сигурно пристаниште за овие луѓе и да ги следиме нашите обврски за зачувување на човековите права“, соопштиле од кабинетот на Санчез.

Советот на Европа ја поздравија одлуката на Шпанија. Комесарката за човекови права, Дуња Мијатовиќ, преку Твитер порача: „Спасување човечки животи на море е обврска која државите мораат секогаш да ја почитуваат“.

Премиерот на Малта, Џозеф Мускат ја изразил благодарноста кон Шпанија, дополнувајќи дека Италија била таа која го прекршила меѓународното право и ја предизвикала блокадата на бродот, додавајќи дека ќе направат разговори за вакво нешто да не се повтори во иднина.

Одлуката на Шпанија била дочекана со радост и од новиот министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, нарекувајќи ја „победа“ за политиките за имиграција на неговата влада.