Полицијата од Хонг Конг упадна во просториите на про-демократски медиум и уапси шест лица поради „заговор за објавување бунтовнички содржини“, пренесува Еуроњуз.
Во акцијата учествувале повеќе од 200 полицајци. Тие имале налог за заплена на новинарски материјали според новиот контроверзен закон за национална безбедност, кој според критичарите е насочен кон задушување на про-демократските движења.
Уапсените се дел од „Стенд Њуз“ и се соочуваат со максимални две години затвор.
Според локалните медиуми, полицијата уапсила сегашен и поранешен уредник во медиумот, како и четири поранешни членови на управниот одбор меѓу кои и пејачката и активистка Денис Хо и правничката Маргарет Нг.
Според Бенедикт Роџерс, директор на невладината Хонг Конг Воч, апсењата се целосен напад на слободите на медиумите во Хонг Конг.
„Кога слободата на медиумите гарантирани со Основниот закон во Хонг Конг се означени како „бунтовнички“ тоа е симбол за брзината со која некогаш големиот, отворен град пропадна во некој вид на полициска држава“, вели Роџерс.
Овие апсења доаѓаат во период кога властите во Хонг Конг се справуваат со незадоволството во полу-автономната кинеска покраина. Полицијата претходно оваа година упадна и во канцелариите на весникот „Епл Дејли“, кој потоа беше принуден да згасне.
Здружението на новинари во Хонг Конг ја повика локалната власт да ги штити новинарските слободи.
„Ние сме длабоко загрижени што полицијата постојано апси високи членови на медиумите врши претрес на канцелариите на медиумите кои содржат огромна количина новинарски материјал“, стои во нивното соопштение.
Денешните апсења следат по отстранување на скулптурите и други уметнички дела од универзитетските кампуси. Делата кои се отстрануваа беа во чест на жртвите од кинескиот прогон на про-демократските демонстранти на пекиншкиот плоштад Тиананмен во 1989.