Шест кандидати влегоа во трка за нов ректор на УКИМ

Шест кандидати се пријавиле на јавниот оглас за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје кој треба да го предводи најстариот македонски универзитет во периодот од септември 2023 до септември 2026 година.

Како што објавија од УКИМ, на огласот се пријавиле следниве кандидати:

  • Проф. д-р Биљана Ангелова, од Економскиот институт во Скопје
  • Проф. д-р Горан Ајдински, од Филозофскиот факултет во Скопје
  • Проф. д-р Ратко Дуев, од Филозофскиот факултет во Скопје
  • Проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет во Скопје
  • Проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје
  • Проф. д-р Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје

Според роковникот за избор на ректор на 10 мај ќе бидат објавени програмите за работа на кандидатите, а од 15 до 26 мај тие ќе се претстават по кампусите на УКИМ.

Гласањето за нов ректор на УКИМ ќе се одржи на 30 мај во периодот од 12 до 14 часот, а резултатите треба да бидат објавени до крајот на денот.

Новиот ректор треба да го наследи проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој ја вршеше оваа функција во два мандата и повеќе нема право да се кандидира.