„Шарла“ вечерва продолжува со одбележување на 10-годишнината со концерт на Хана Корнети

Независниот музички издавач „Шарла Рекордс“ денеска (сабота, 26 август) од 21 часот во музичкиот бар „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија продолжува со одбележување на 10-годишнината од своето постоење со нова концертна промоција.

Повод за следниот од серијата настани „Шарла – 10 лета околу“ е неодамна излезениот деби албум на скопската кантавторка Хана Корнети.

Оваа мултиталентирана девојка веќе и е позната на книжевната јавност со својата збирка раскази „Млечни заби“, а во музичките води влегува со албумот „Голи песни“, реализиран за „Шарла“.

„Се работи за збирка од осум композиции отсвирени на укулеле и отпеани во современ и автентичен стил со текстови кои го задржуваат вниманието. Голи песни е музички материјал кој освојува на прво слушање, искрен е и непосреден, напишан и изведен во слободен стил и без калкулации со актуелните музички трендови. Снимен е и обработен во тонското студио Кларион, а во неговата реализација како музички соработник и продуцент се појавува Давид Ангелевски“, соопштува „Шарла“.

Албумот „Голи песни“ може да се преслуша и набави на следниот ЛИНК.