„Сејф сити“ ја потврди аналитиката на МВР – брзината главната причина за брза смрт

Без оглед на силните отпори во јавноста што може да се видат и во секојдневието и во медиумите и на социјалните мрежи, неколку работи може да се контекстуализираат околу примената на „Безбеден град“ или „Сејф сити“, проектот што треба да се применува од следната 2026 година:

-Инсталирањето на камери за следење на сообраќајот со можност за автоматизирана обработка на податоци за сообраќајни прекршоци и изрекување санкции, е европска и светска пракса од поодамна. Европската регулатива околу ова прашање се базира врз сериозни истражувања уште од 2009 година, додека надградби се прават постојано, околу подобрување на безбедноста во сообраќајот, вклучувајќи ја и оваа 2025 г.

-Сообраќајните прекршоци што довеле до сообраќајни незгоди со тешки последици (смрт и тешки телесни повреди) кај нас никако да падне под 100 во текот на последните 15 години, без оглед на законски измени, поострување на казнената политика, дури ни по измените на Кривичниот законик, каде што од пред две-три години беше вметнато делото „безобзирно управување со моторно возило“, со што полицијата има право да ве приведува и да поднесе кривични пријави и за пречекорена брзина.

-Аналитиката на МВР, преку компарирање на статистичките податоци, покажува дека најчеста причина за сообраќајните несреќи со тешки последици е возењето со поголема брзина од дозволеното, а изненадувачки за пошироката јавност, возењето под дејство на алкохол е на петто место. Првите пробни денови од употребата на камерите во Скопје, ја потврдија токму оваа статистика.

Толеранција во системот мора да има

Иако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски зборуваа дека нема да има толеранцијата (не само за брзина) при изрекувањето на санкции преку автоматизираниот систем, речиси е сигурно дека ќе ја има околу пречекорената брзина, поаѓајќи токму од праксата на современите европски законодавства. Таквата пракса ја посочија и експерти во јавноста, но и функционери во МВР (види тука и тука), кои постојано ја нагласуваат реченицата „да му дадеме шанса на системот во пробниот период“.

Таа толеранција се однесува најчесто на прекршоци кои се направени за отстапките на брзината на движење од која ќе почне да се казнува, точната дефиниција кога смее да се помине на жолто светло и што ќе смета системот како неправилно престројување. Таквото размислување за колкав да биде процентот на толеранција при пречекорена брзина вчера (12.04) го најави и советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска:

„… Одлуката сè уште не е донесена, меѓутоа ќе се донесе на обостран интерес: и да бидат задоволени стандардите, и да биде испочитувана најдобрата пракса (добра пракса која што е присутна во веќе напредни европски држави коишто вакви системи практикуваат подолг временски период), а истовремено тоа да биде на задоволство и на граѓаните“- вели Петровиќ -Арсовска во интервју за 360 Степени на МРТ.

Фото: Официјална ФБ страница на МВР

Автоматизираното санкционирање ги редуцира фаталните последици и до 71 процент

Иако праксата на употреба на камери и автоматски системи за забележување на прекршоци и изрекување санкции кај нас е новина, во земји членки на ЕУ, но во Европа генерално, таа започнува некаде по 2000 година. Па така, според податоците на Европската комисија, во Обединетото Кралство (кое веќе не е дел од ЕУ), фиксните камери за констатирање на брзината врз кои се изрекуваат прекршоци се поставени од 2000 г., во Холандија од 2004 година, во Франција од 2003 година со автоматизиран систем за изрекување санкции, а исто и во Италија, каде што само на автопатите каде што има 176 делови покриени со камери, во 2023 г. биле изречени околу 316 илјади казни за пречекорување на брзината, од вкупно изречените 465 илјади(извор тука).

Според истите податоци од ЕК, просечниот ефект на намалување на сообраќајните несреќи е помеѓу 15 до 20 отсто, но „поединечните студии за евалуација значително се разликуваат во пријавените ефекти. За фиксните камери за брзина, ефектите варираа од 5 до 69% намалување на несреќите, 12 до 65% намалување на повредите и 17-71% намалување на смртните случаи“.

Да потсетиме, во Македонија бројката на „сообраќајќи“ со смртни последици никако да падне под 100 веќе 15 години.

„Безбеден град“ ја потврди аналитиката на МВР – брзото возење масовна појава

Податоците од првите два – три дена на пробното тестирање на „Безбеден град“ ја потврди статистиката и аналитичките податоци на МВР. Од околу 160 илјади прекршоци, најголемиот дел се однесуваат на возење со брзини поголеми од дозволената 50 км на час во Скопје.

Камерите на обиколницата околу Скопје покажале пак дивеење со брзина од над 230 километри на час.

При имплементацијата МВР соопшти дека мерењето на брзината и изрекувањето санкции врз таа основа ќе биде еден од четирите прекршоци што ќе бидат регистрирани од системот во почетниот период. Зошто е ова толку важно? Едноставно затоа што пречекорената брзина е главен причинител на сообраќајните несреќи во земјата.

Имено, за 14 години од 2010 до 2024 година на целата територија се случувале во просек околу 4.009 сообраќајни несреќи со загинати и повредени лица годишно, при што вкупниот број на несреќи само со загинати изнесува 1.802. Најнизок број од 106 сообраќајни несреќи со загинати е регистриран во 2021 година, а највисок од 170 во 2013 година. Во ланската 2024 г. бројката одново почнала да расте и стасала до 124, после петгодишно движење на скалата од 106 до 118 сообраќајни несреќи со загинати лица.

Вкупниот број на загинати во сообраќајните несреќи од 2010 -2024 изнесува 2.161 лице:

Фото: Скриншот од ексел табела на МВР за фаталните сообраќајни несреќи

Притоа, аналитичките обработки покажале во статистиката на МВР дека пречекорување на брзината е констатирана како причина број 1 за сообраќајните несреќи. Од најниските 590 случаи во 2019 година, до највисоките 2.041 во 2024-тата година:

Фото: Скриншот од ексел табела од МВР за причините за несреќите

Намалувањето на загинатите е примарно, сите други важни прашања се легитимни

Намалувањето на бројот на загинати во сообраќајни несреќи кои од статистиките на МВР изгледаат застрашувачки, споредено со европските просеци се многу високи, а да не говориме за емотивните последици што ги оставаат несреќите на млади луѓе кои гинат на пешачки премини.

Фото: Скриншот од веб-страницата на италијанскиот производител Tattile

Од тие причини, воведување на камери кои го следат сообраќајот, а притоа автоматизирано ги снимаат прекршоците и изрекуваат санкции е без дилема оправдано решение кое ги надминува сите други прашања, кои секако се легитимни и не треба да останат неодговорени:

-Ефикасноста и прецизноста на системот;

-Дали ќе се користи како значителна дополнителна поткрепа на буџетската сметка преку казните; зошто е набавен без тендер колку што и е познато на јавноста и колку чини засега;

-Зошто е избран токму италијанскиот производител „Tattile“, а не некој друг;

-Дали софтверот е од истиот производител или се комбинира со некој друг (постојат гласини дека системот на камери од проектот „Безбеден град“ користи многу софистициран израелски софтвер со десетици можности за препознавање на возила и лица);

-Дали товарот на докажување во постапката доколку постои судски процес за сторениот прекршок по жалба на казнетиот ќе биде само врз граѓанинот;

-Дали по сторениот прекршок, доколку постои поднесена жалба, МВР има можност да ја избрише санкцијата и прекршокот во зависност од тоа за кое лице станува збор (партиски, роднински или функционерски влијанија); заштита на приватноста, и т.н.

Прашањата се секако легитимни и треба да бидат одговорени за да не се доведе под сомнеж алатката од која се очекува значително намалување на жртвите во сообраќајните несреќи. Поради што, секако, заслужува да му се даде шанса на „Безбеден град“.

Пишува: Теофил Блажевски

Извор: Вистиномер