Се вложуваат напори за онлајн настава на сите факултети од понеделник, вели министерот Адеми

Сите приватните и државните универзитети во државава да вложат максимални напори за воведување одредена форма на онлајн настава што ќе започне да се реализира веќе од следната недела, побара на  денешната прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Адеми истакна дека во соработка со надлежните образовни институции на секојдневно основа се координираат со цел да се најдат и применат најприфатливи форми на едукација кои ги наложува актуелната состојба, со цел, како што вели, да не се наруши целосно воспитно-образовниот процес на младите.

„Се работи за начин на настава кој не е неизводлив и практично дел од факултетите веќе го применуваат не само сега, туку и во регуларен, нормален тек на студиската година. Олеснителна околност е и тоа што станува збор за студентите, сличности на возраст кога дигиталните вештини се веќе совладани, односно студентите поседуваат способности за ракување со ИТ уреди и за примена на онлајн алатки, апликации за едукација, за разлика од, да речеме, најмалите ученици, првооделенчиња кои голем дел не поседуваат ИТ уреди, и не знаат да ракуваат со нив, и за нив онлајн настава е прилично тешка солуција“, изјави Адеми.

Адеми се надева дека едукацијата на овој начин ќе продолжи од понеделник на најголем дел од високообразовните установи.

„Согласно информациите кои ги добив од ректорите од аспект на можноста и информатичка и технолошка опременост на универзитетите и спремноста на професорите да дадат личен придонес во целата заложба, во текот на неделата очекувам онлајн наставата да биде организирана на сите факултети“, додаде Адеми.

Претседателот на Интеруниверзитетската конференција и ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Скопје (УКИМ) Никола Јанкуловски соопшти дека УКИМ ја прекинале наставата на 11 март уште пред да биде прогласена вонредната состојба, додавајќи дека веднаш било воспоставено далечинско учење за скоро сите програми на единиците на универзитетот.

„Веќе се во функција неколку видови платформи за далечинско учење. Исто така, направен е распоред за работа на администрацијата која што доаѓа на смени, се со цел да се намали или избегне контактот меѓусебен помеѓу странките и вработени во администрацијата“, рече Јанкуловски.

На состанокот кој бил одржан денеска, тој додаде дека се дискутирало и за евентуалните проблеми кои би произлегле во врска со испитите.

„Се надевам дека ќе најдеме и за тоа решение. Сите овие мерки што ги презема МОН, и најодговорните лица на универзитетите, ректорите, се во насока на решавање на непречено функционирање на дејноста на универзитетот, од сите можни негови аспекти“, додаде Јанкуловски.

Претседателот на Конференција на приватни високообразовни установи Томе Неновски изјави дека пред нив имаат две цели,  прво здравјето на студентите, соработниците и наставниците, а потоа обезбедувањето непречен пат на студентите за совладување на образовните програми, за на тој начин да ја завршат оваа академска година.

„За таа цел дефенитивно сме убедени сите, потребно е да воспоставиме некој систем кој ќе биде безконтактен, студентите да си бидат дома, да учат од дома, со користење на сите оние алатки за далечинско учење. Така што, од нивните домови, компјутери, комуницираат со нас професорите, да одговараат на нивните поставени задачи, и што е најважно веќе некои тоа го прават, а некои набрзо ќе почнат тоа да го прават, наставата во следниот дел од семестарот да се одвива на тој далечински начин, без контакти меѓу професорите и студентите“, изјави Неновски.

 

УГД и УКЛО ја селат наставата онлајн

М.К.