УГД и УКЛО ја селат наставата онлајн

Новонастанатата ситуација со пандемијата од новиот коронавирус ги натера универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)  Штип и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола наставата да ја преселат онлајн, откако пред една недела Владата донесе одлука за затворање на градинките, училиштата и факултетите.

Од вчера, како што информираат од универзитетот во Штип, започнал процесот на интерактивни предавање преку интернет, каде тоа први го сториле од Факултетот за информатика. Појаснуваат дека во периодот кој следува ќе се приклучат сите факултети, на кои е изводливо наставата да тече онлајн. Додаваат и дека УГД подолго време користат електронски платформи за комуникација и работа со студентите, па сметаат дека  ова не претставува голем проблем за нив.

„Прилагодувањето не беше проблем затоа што Универзитетот и досега користи многу е-платформи во наставата, како е-индекс, е-библиотека, е-учење и други. Наставата се одвива преку две платформи, и тоа е-учење и Microsoft Teams. Сите потребни материјали се поставени на платформата е-учење, а за директна комуникација со студентите се користи Microsoft Teams. Со ова на студентите им овозможуваме да се продолжи со образовниот процес и во една ваква вонредна ситуација“, информира проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.

Како што соопштуваат од УГД, се што им е потребно на студентите е интернет врска и било како уред поврзан на интернет. За предавањето, тие добиваат покани на нивната студентска пошта и линк на кој можат да се поврзат.

„Настанот автоматски им се додава во календарот. Неколку минути пред почетокот им стигнува известување и ги потсетува за предавањето и потоа се вклучуваат сите. Процесот е многу едноставен, па се очекува до идната недела најголем дел од професорите да се вклучат во овој процес“, велат од Факултетот за информатика на УГД.

Студентите на УКЛО, исто така ќе продолжат да ја следат наставата преку-онлајн предавања, со користење на платформите на универзитетот, ова е една од донесените препораки на последниот ректорски колегиум на универзитетот.

Исто така, колегиумот донесе и препорака каде се предвидени и мерки за тоа дека наставниците треба да предвидат дополнителни активности за студентите, кои нема да подразбираат групна работа или активности на отворен простор. Меѓудругото, и секој наставник да отвори начин на комуникација преку кој студентите ќе можат да го контактираат и дискутираат по електронски пат, со што би се заменил терминот за консултација со наставникот.

„Со ваквите активности ќе им се овозможи на студентите да бидат поактивни дома, нивното време да биде исполнето со извршување на активности со кои ќе ги реализираат задачите што ги имаат во текот на семестарот“, соопштија оттаму.

М.К.