Се отвори скопски квир центар, бесплатно советувалиште за ЛГБТИ лица

Во Скопје се отвори „Квир центар“, место кое ќе понуди групна психотерапија, обуки за ЛГБТИ психотерапија за професионалци од областа на менталното здравје, придружување во институции, упатување, информирање и помош при остварување на правата од социјална заштита, но и бесплатни сесии за советување и национална линија за ЛГБТИ лица, која функционира поодамна.

Давид Тасевски, психолог и директор на Квир центарот, вели дека две години претходно работел на идејата за ваков простор.

Тој истакнува дека моменталната ситуација со пандемијата од КОВИД-19 го отежнува функционирањето на центарот, но наведува дека започнати се активностите кои може безбедно да се остварат.

„Бесплатните сесии на советување и психотерапија и Националната линија за ЛГБТИ+ лица се дел од првите услуги кои веќе функционираат. Сесиите ги работат психотерапевти кои работат онлајн, но и со физичко присуство, со почитување на мерките и заштита на здравјето и на клиентот и на терапевтот“, додава тој.

Тасевски истакнува дека советувалиштата кај нас се од помош и на државните институции, нагласувајќи дека досега слични центри биле отворани за други целни групи, но не и за ЛГБТИ луѓето.

„Со оглед на стигмата и дискриминацијата кон ЛГБТИ луѓето, можам да кажам дека дури и доцниме со отворање на специјализиран центар на кој фокусот ќе му биде менталното здравје. Важно е повеќе да се вложува во менталното здравје, не само при спроведување на проекти и кампањи од страна на невладините организации, туку и промоција на услуги и програми во здравствените институции и училиштата. Вложувањето во менталното здравје кај луѓето, особено од најмала возраст со прилагодени програми, може долгорочно да ни обезбеди здрав и стабилен систем“, вели тој.

Во скопскиот квир центар засега работат пет советувачи на линијата за ЛГБТИ+ лица, како и тим на терапевти кои работат со психотерапија. Една од нив е Ивана Костовска, социјална работничка која заедно со Давид работи во СКЦ.

Таа вели дека центарот е веќе физички отворен, за сите оние кои сакаат да го посетат или имаат потреба од некоја од услугите кои ги нуди.

„Моментално СКЦ функционира во рамки на просториите на „Субверзивен фронт“. Поради моменталната ситуација принципот на работа е со претходно закажување на термин, за да не дојде до преклопување на клиентите“, додава таа.

Улогата на Костовска како социјална работничка во СКЦ е прием на клиентите, правење на проценка на нивната потреба од помош.

„Најпрво се прави проценка која го вклучува безбедносниот аспект, односно дали и колку е загрозен животот на клиентот во средината во која функционира. Се зема предвид и културолошкиот аспект од кој доаѓа клиентот и што за него претставува насилство и интимно партнерски релации. Потоа се прави проценка од здравствен аспект, ова ги опфаќа прашањата поврзани со менталното здравје. И на крајот се прави проценка на капацитети за промена и вештините кои ги поседува клиентот“, вели Костовска.

Скопскиот квир центар засега функционира во канцелариите на „Субверзивен фронт“, со работно време од понеделник до петок од 11-17 часот. Контакт телефон на центарот е 075 31 41 23.

И.С.