Се отвора новиот независен Театар „Фабрика“

Со премиера на претставата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, во сабота ќе биде отворен новиот независен театар „Фабрика“ формиран од група млади автори. По повеќе од една година, вели режисерката Ирена Стеријовска, конечно се реализира идејата за новиот театар.

Се отвора новиот независен Театар „Фабрика“

„Големината на создавање на една ваква условно независна институција е идеја која нас не водеше низ различни фази. На крај дојдовме со идеја тоа да биде Театар Фабрика, да се отвори со еден култен македонски текст, првата македонска современа граѓанска драма. Оформувањето на театарот значи еден наш придонес за македонската независна театарска сцена која сметаме дека треба да се издигне на одредено ниво затоа што театарот сам по себе генерално се случува секаде“, забележа Стеријовска.

Желбата на основачите на Театар Фабрика сега е да добијат свој простор, додека премиерата во сабота ќе се игра на сцената на Драмскиот театар.

Vejka na Vetrot

„Вејка на ветрот е симбол за изгубен живот. Она што ние во нашето ново читање го кажуваме односно посочуваме, па и прашуваме, е дали воопшто мора да постои некаква судбинска одредница, да мора македонскиот човек да бара излез некаде надвор. Мислам дека Коле и како автор генерално се занимава со тоталитаристичкиот принцип како системски така и индивидуален. Со претставата ние прашуваме дали воопшто треба да се оди некаде таму надвор и таму да се бара излезот. Одењето таму надвор е нешто што генерациски во почетокот на 20 век во Македонија се пренесува како некој вид наследство“, нагласи Стеријовска.

Од Театар „Фабрика“ велат дека за претставите по премиерата ќе бараат алтернативни простори и сцени низ градот и низ државата. За неколку недели најавуваат уште една премиера на уште една претстава.