Се ограничува работното време на угостителските објекти до 23 часот, освен за тие што вршат достава, одлучи Владата

На денешната 13-та седница, Владата на Република Северна Македонија ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работното време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен за оние што вршат испорака, информираат од Владата.

Дополнително, на денешната седница е одлучено да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Исто така, Владата ја прифатила и препораката, целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирање на работата да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите, се додава во владиното соопштение.

Денеска пред пратениците во Собранието се најде и новиот пакет мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, односно, мерката за задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето на отворено по 22 часот, како и ограничувањето на семејни собири. Но, за нив не се расправаше, откако опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ побара дополнително време да ги разгледа.

Ширум земјава, во последните 24 часа, регистрирани се 408 новозаразени, четворица починати и 281 оздравен од Ковид-19.

408 новозаразени, четворица починати и 281 оздравен од Ковид-19 во изминатите 24 часа