Новите мерки против коронавирусот денеска „извисија“ во Собрание

Новиот пакет мерки за спречување на ширењето на коронавирусот денеска се најде пред пратениците. Но, во Собранието не се расправаше за нив, откако главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ побара дополнително време да ги разгледа.

Се работи за измена и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка, со меѓу другото треба да се овозможи мерка за задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето на отворено по 22 часот, како одењето по гости.

Министерот за здравство Венко Филипче кој лично ги најави ваквите мерки, соопшти дека тие итно мора да се донесат.

„Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави“, потенцира тој.

Тој додаде дека нема време за одлагање, односно, дека состојбата со вирусот е сериозна. Дополнително, тој им порача на граѓаните дека и постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и дека тие мора доследно да се почитуваат.

Следната собраниска седница закажана за 27 октомври, кога се очекува да се расправа за законските измени.

Инаку, Владата без Собранието нема ингеренции сама да носи вакви уредби, бидејќи во државата нема прогласено вонредна состојба и има функционално Собрание, што не беше случај во периодот кога започна пандемијата.