„Сè е филм, во множина“ – 13 издание на Филозофски филмски фестивал во Кинотека

Под мотото „Сè e филм, во множина“, оваа година ќе се одржи 13 издание на Филозофскиот филмски фестивал. Од 2 до 9 јуни во Кинотека, ќе бидат прикажани 40-тина филмови, 50 настани, а ќе има 18 гости и 20 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

Организаторите посочуваат дека мотото „Сè е филм, во множина“ е инспирирано од  францускиот филмски великан од новиот бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого фестивалот подготвува специјален сегмент „Фокус Годар“.

„Во годаровски манир, по малку поигрувајќи си со историјата/историите, или приказната/приказните на филмот, оваа година со омаж на Годар како една неизбежна одредница и лик во светската филмска историја-приказна, на фестивалот централно место ќе има токму *Фокусот Годар*, со неколку ретки и исклучително вредни синефилски уживања коишто ги подготвивме за нашата верна публика“, велат од ФФФ.

Оттаму дополнуваат дека мотото „Сè e филм, во множина“, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка, „брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa.“

Оваа година фестивалската, а оттука и филмската програма е поделена во неколку сегменти односно ревијална програма, официјална селекција на долгометражни филмови и пфицијална селекција на краткометражни филмови, Ретроспектива, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“.

Оваа година, последниот фестивалски сегмент е наменет за најмалите философи и филмофили, учениците од 9-11 години, а е поврзан со гледање на филм на децата и потоа одржување на дискусија и фил(м)ософска работилница, физички, во Скопје и онлајн, за децата низ Македонија.

Годинава, деца од 9 до 11 годишна возраст, под менторство на Мартин Поповски, ќе го гледаат јапонскиот анимиран филм „Мираи“ и ќе дискутираат на избрана тема.

„Оваа работилница, ја користи токму имагинацијата како импулс за детското автентично размислување без наметнување на туѓи ставови и гледишта за важни прашања за семејството, љубовта, љубомората, разбирањето, емпатијата… прашања кои го отвораат патот кон ‘другиот’ и кон сопственото растење и созревање. Сите заинтересирани ќе може да се пријават преку социјалните мрежи на фестивалот“, велат од ФФФ.