Проекција на филмот за композиторот Густав Малер во Кинотека

Кинотеката на Северна Македонија во соработка со Филхармонија, утревечер со почеток од 20 часот ќе го прикаже биографскиот филм за славниот композитор Густав Малер, „Малер“.

„Проекцијата на филмот за Густав Малер ќе го антиципира концертот на 13 април кога оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе маестралната Симфонија број 5 која претставува совршена апотеоза на животот, љубовта и смртта“, информираат од Филхармонија.

„Малер“ е филм од 1974 година, во режија на Кен Расел. Главните улоги ги толкуваат Роберт Пауел, Џорџина Хејл и Ли Монтаг. Раскажана во низа ретроспективни сцени додека композиторот и неговата сопруга Алма разговараат за нивниот неуспешен брак за време на патување со воз, сторијата низ флешбек секвенци го прикажува турбулентното детство на Малер, обременето со самоубиството на неговиот брат, искуството со антисемитизмот, неговото конвертитство од јудаизам во католицизам, брачните проблеми, смртта на неговата млада ќерка.

Расел ја истражува музиката на Малер и низ неговите односи со Козима фон Билов, ќерката на композиторот Франц Лист и вдовицата на Рихард Вагнер.