Само еден од пет филмови во Европа е режиран од жена, во Македонија уште помалку

Родова нееднаквост во европскиот филм во 2021 година – жените режисерки добиваат помалку јавни средства, работат со пониски буџети, а нивните филмови имаат пократка дистрибуција, и покрај тоа што нивните филмови често се уметнички поуспешни и финансиски поефикасно се произведуваат. Ова се дел од заклучоците на истражувањето на Лабораторијата „Жени на кино“ од Франција во соработка со Европската филмска опсерваторија, пренесува Мета.

Истражувањето беше објавено кон крајот на минатата година и во него за првпат се објавени податоци и за нашата земја, односно статистички податоци за положбата на жените авторки како и активности за борба против родова стереотипизација преку Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, информираа од Центарот за филм Битола.

Само еден од пет филмови во Европа е режиран од жена, е потврдено и на последниот Форум на мрежата на креативни филмски градови на УНЕСКО на тема „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“ што неодамна се одржа во Битола.

„Жените сè уште се малцинство во филмската индустрија. Само 25 отсто од сите филмови прикажани во Европа од 2017 до 2021 биле режирани од жени. 34 отсто биле продуцирани од жени, 28 отсто напишани од жени, а само 10 отсто снимени од жени. Имаме многу жени кои учат на филмските академии во Германија, дури 56 отсто, но подоцна кога се вклучуваат во филмската индустрија нивниот број значително опаѓа на 24 отсто, а кога станува збор за финансирање на филмовите, само 16 отсто од жените добиваат финансиска поддршка. Треба сите да се запрашаме што се случува“, рече Лиса Невроцки од Потсдам, Германија, која ги сподели статистиките од германската асоцијација Pro Quote Regie (PQR).

Таа додаде дека и ситуацијата пред камерите не е многу подобра, односно до 30-годишна возраст речиси еднаква е застапеноста на актерите и актерките, но штом се помине оваа граница, со секоја декада процентите во корист на жените се намалуваат и во филмот и на малите екрани. Родовиот јаз бил најизразен меѓу кинематограферите каде жените сочинувале само 9 отсто во Европа.

„Шпанскиот сектор за играни филмови е доминантно машки каде вертикалната и хоризонталната сегрегација на работните места буквално се репродуцира врз основа на полот на секој професионалец. Жените режисери имаат 50 отсто помал буџет во однос на нивните машки колеги, вклучувајќи и државни пари. Како контраст на ова, пак, е меѓународната препознаеност на жените режисери и сценаристи каде бројките се речиси двојно во корист на жените. Сепак, ниту една од трите национални награди во 2021 не беше доделена на жена“, посочи Жорди Хернандез Прат од Тераса, Шпанија, актуелен координатор на мрежата филмски градови на УНЕСКО.

Ова го потврди и Гијом Русо од Ваљадолид, кој додаде дека во однос на просечниот буџет за филм е очигледно дека се фаворизираат мажите – 1,5 милиони евра за жени наспроти 2,7 милиони евра за мажите.

И во Полска има голема нееднаквост меѓу мажите и жените во оваа професија, потврдија Кинга Плихт и Лукаш Цичовски од Гдиња, Полска. Плихт рече дека има огромни разлики во финансирањето на филмовите, а платата на жените била 40 отсто пониска за истата позиција.

Лабораторијата предлага да се создаде движење за промена на оваа состојба, да се надмине фазата на дебати и фокусот да се стави на идеи за преземање акции, а потоа и на експерименти кои ќе им овозможат на жените да го заземат местото кое го заслужуваат.

Во Северна Македонија, од 2017 до 2021 година, само 15,3 отсто од филмовите биле направени од режисерки. Само еден од петте филмови премиерно прикажани во кината во 2020 и 2021 година бил режиран од жена.

Даниела Станковска Плачковска од Агенција за филм на Северна Македонија информираше дека Агенцијата работи на овие родови прашања уште пред потпишувањето на Меѓувладината повелба за посветеност за родова еднаквост иницирана од Франција за време на Форумот за генерациска еднаквост во 2021 година.

Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги презентираше дел од родовата анализа во медиумите и рече дека во телевизиската индустрија во земјава, соодносот меѓу вработените мажи и жени континуирано покажува доминација на мажите, особено на раководните позиции каде има повисоки плати.

И уредничката и директорка на телевизија Телма, Снежана Лупевска – Созен додаде дека само 19 отсто од раководните позиции во приватниот сектор се жени, а нееднаквоста е видлива и во составот на Владата каде има само четири министерки, додека на локално ниво има само две градоначалнички.

На форумот произлегоа многу идеи за идни проекти и иницијативи за вмрежување меѓу институциите и асоцијацијата во градовите членки на мрежата, за едукација, филмска писменост, а како позитивен пример беше спомената Мрежата за медиумска писменост и групата за филмска писменост која беше особено активна изминатата година и првпат вклучи и филмска програма во рамките на Деновите на медиумска писменост.