Свеченото отворање на овогодишното, шесто издание на филмскиот фестивал „КинеНова“ ќе се одвива во Кино „Милениум“, а фестивалот ќе биде отворен со проекција на филмот „Бановиќ Стахиња/ As far as I can walk“ на Стефан Арсенијевиќ.
„КинеНова“ ќе трае од 27 до 31 октомври, а филмовите од програмата ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија.
Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови.
Игор Анѓелков, програмскиот селектор на „КинеНова“ истакнува дека оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму кадешто и’ е местото – на големиот екран во затемнетата кино сала.
„Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии, ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време. КинеНова и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди“, вели Анѓелков.
Истовремено, тој најавува дека во овогодишната официјална програма ги вклучува минатогодишниот победник на фестивалот во Сан Себастијан, како и актуелниот победник на престижниот фестивал во Карлови вари.
Небојша Јовановиќ, директорот на МФФ „КинеНова“ вели дека овогодишната програма ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите.
„Фестивалот оваа година ќе ја слави македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини кои ќе ги објавиме наскоро. Оваа година, фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24“, вели Јовановиќ.