„Сакаат наше уништување“ – Активистите во Уганда бараат ЕУ да ја скрати помошта поради анти-ЛГБТ законот

ЛГБТ заедницата во Уганда живее во целосен страв откако минатиот месец беше усвоен нов закон со кој ќе стане нелегално идентификувањето како лезбејка, геј, бисексуалец или трансродово лице.

Казните за прекршување на законот предвидуваат и доживотен затвор, како и смртна казна во некои случаи. Законот беше изгласан од парламентот и сега чека потпис од претседателот за да стапи на сила.

Сега активистите ја повикуваат Европската Унија да престане да испраќа помош на африканската држава и да ја искористи оваа ситуација за да обезбеди поголема заштита на човековите права.

Според Едвард Мутеби, државјанин на Уганда кој живее во Германија, законот бил усвоен од парламентот на Уганда од бес, омраза и дезинформации кон ЛГБТ заедницата, кои пораснале и пред самото гласање. Според него, религиозните лидери на Уганда ја вжештиле реториката, со повици ЛГБТ лицата да се убиваат, а како последица на тоа заедницата била погодена на многу лош начин.

„Ние се соочувавме со прогон и претходно, но сега ситуацијата е на сосема друго ниво. Тие бараат наше уништување, сакаат да ги соберат сите кои се идентификуваат како геј лица и да ги затворат до крајот на животот. Некои луѓе дури повикуваат на кастрација на хомосексуалците. Загрижени сме од тоа што следува“, објаснува Мутеби за Еуроњуз.

Невладината организација „Let`s Walk Uganda“, која тој ја има основано, вели дека е затрупана од повици за помош на ЛГБТ заедницата со месеци. Луѓето најчесто бараат совет како да побегнат во соседната Кенија.

„Еден телефонски разговор кој го имав ме расплака. Момче од 17 години, кое на семејството му признало дека е геј, било избркано од неговиот дом. Тој сега живее на улица. Но, ние како организација не можеме да направиме ништо бидејќи е малолетник и би сториле кривично дело“, објаснува Мутеби.

Тој се плаши дека наскоро оваа ужасна ситуација во Уганда може дополнително да се влоши.

„Добиваме сведоштва на луѓе кои биле нападнати, соблекувани и тепани, па дури и кастрирани. И тоа беше пред носење на законот. Не можеме да веруваме дека ова се случува во современата ера, дека луѓето се ставаат доживотно во затвор бидејќи се сакаат меѓусебно“, вели активистот.

Еден од начините кои според Мутеби можеби би ја премислила владата на Уганда е повлекување на помошта од ЕУ. Африканската држава со години е еден од најголемите приматели на меѓународна помош, која веќе еднаш беше значително намалена во 2014 година, кога претседателот Јовери Мусевени потпиша закон со кој хомосексуалноста стана кривично дело за кое можеше да се добие доживотен затвор. Тој закон првично предвидуваше ова дело да се казнува со смртна казна, но тоа беше тргнато од предлог-законот по силната меѓународна осуда.

Сепак нападите на владата на Уганда кон ЛГБТ лицата само се влошија последнава деценија. Хомосексуалноста во моментов е забранета во повеќе од 30 африкански држави, но новиот закон е прв кој го прогласува како кривично дело самото идентификување како дел од ЛГБТ заедницата.

Анти-геј политиките на оваа источноафриканска држава најмногу се поттикнати од политичките и религиозните лидери.

Според Мутеби последниот бран омраза е разгорен од Западот и американските идеолошки војни, додека кај политичарите, ова прашање се отвара за да се сврти вниманието на граѓаните од економските проблеми и владините неуспеси.

„Ние сме жртвени јагниња. Како можете да ги оттргнете мислите на луѓето од нашите проблеми? Диверзијата кон која секогаш се потпираат е хомосексуалноста. Секогаш кога земјата е пред избори, тие ја покренуваат темата на хомосексуалноста за да се тргне вниманието на граѓаните од дискусиите за многу важни прашања, како инфлацијата или трошоците за живот“, објаснува Мутеби и додава: „Ани-ЛГБТ свештениците се финансирани од анти-родовите движења од Западот и САД, кои им даваат пари за да шират омраза низ земјата“.