Сајтот на е-системот за јавни набавки повторно достапен – постапките за тендери продолжуваат од вторник

Веб-сајтот на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) по пет дена вчера повторно стана достапен за јавноста.

На ЕСЈН може да се прочита порака во која се посочува дека техничкиот проблем кој доведе до нејзина недостапност е целосно надминат, како и дека интегритетот на системот не е загрозен.

„Овозможен е пристап до сите податоци кои беа на располагање на јавната страна. Очекуваме од вторник, системот да е целосно функционален, при што ќе можат да продолжат сите започнати постапки без ограничување и да се спроведуваат нови согласно законските одредби“, пишува во пораката на веб-сајтот.

Моментално се работи на продолжување на роковите на сите тековни постапки, се вели во пораката, и се додава дека поради тоа е оневозможено најавување на веб-сајтот.

Истовремено, оттаму соопштуваат дека наредните денови очекуваат нормализирање на сите функции на системот, за што најавија дека дополнително ќе ја информираат јавноста.

Во меѓувреме, сè уште е недостапен веб-сајтот на Бирото за јавни набавки.

Претходно, на предлог на заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, Владата ги задолжи сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во процесот на јавните набавки и да ги објавуваат сите податоци на нивните веб-страници.

Од Владата посочија дека сите буџетски корисници и единки корисници, се должни во рок од 30 дена да креираат посебен дел на нивните веб-страници насловен „јавни набавки“. Таму, предвидуваат да се објавуваат годишниот план за јавни набавки, огласи за јавни набавки, известувања за склучени договори, склучени договори, како и известувања за реализирани договори.