САД планира визите да ги спои со проверка на Фејсбук и Твитер профилите на апликантите

Администрацијата на Трамп соопшти дека сака да започне да ја собира историјата на социјалните мрежи на речиси сите кои бараат виза за влез во Соединетите Американски Држави, пренесува ББЦ.

Според предлогот, кој доаѓа од Стејт департментот, поголемиот дел од барателите на визи ќе мораат да дадат детали од нивните профили на Фејсбук и Твитер. Тие ќе мораат да ги откријат сите идентитети на социјалните мрежи кои ги користеле во претходните пет години.

Информациите би биле искористени за идентификација и проверка на оние кои бараат визи за имиграција, но и за останатите типови визи, како студиските, работните, туристичките и медицинските.

Со овие промени би биле засегнати околу 14,7 милиони луѓе годишно.

Од апликантите би се барале нивните телефонски броеви, и-мејл адресите и историјата на патувања во последните пет години. Тие би биле должни да кажат доколку некогаш биле депортирани од земја, или доколку било кој роднина бил вмешан во терористички активности.

Според предлогот, тој не би ги зафатил жителите на земји со кои САД има безвизен режим, како Велика Британија, Канада, Франција и Германија. Сепак, жителите од останатите земји би морале да ги следат овие нови прописи доколку сакаат да ги посетат САД за работа или за одмор.

Според досегашната регулатива, донесена минатиот мај, службениците можеле да ги побараат информациите на социјалните мрежи на луѓето само доколку сметале дека „таква информација е потребна за да се потврди идентитетот или да се спроведе поригорозна национална безбедносна проверка“, соопшти претставник на Стејт департментот тогаш.