С. Македонија назадуваше едно место според ЛГБТ+ правата, останува меѓу најлошите во регионот

Северна Македонија се најде на 32-то место од вкупно 49 земји во европа според последниот годишниот извештај за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето „Rainbow Europe“ кој го прави организацијата „ИЛГА Европа“.

Во споредба со минатата година, иако земјава има подобрување за 2% во остварените права, сепак на листата назадуваше за една позиција.

Земјава, во шест категории, има постигнато 27% од можни 100% на правата за ЛГБТ заедницата.

Ова ја става земјава на дното во регионот. Полоша од С. Македонија е само Бугарија (40 место), додека подобри се Албанија (28), Косово (27), Србија (26), Босна и Херцеговина (22), Словенија (21), Хрватска (18), Грција (13) и Црна Гора (12 место), каде најмногу се почитуваат ЛГБТ правата од окружувањето.

Ранг-листата според последниот извештај на ИЛГА Европа / Фото: rainbow-europe.org

Од поединечните категории, С. Македонија најдобро стои во поглед на „граѓанско општество“, каде се исполнети сите критериуми. Во поглед на „еднаквост и недискриминација“ земјава има реализација од 45%, во делот „азил“ 33%, додека во поглед на „злосторства од омраза и говор на омраза“ има реализирано 26% од критериумите. Државава има многу лош резултат во категориите „правно признавање на родот“ и „семејство“ каде се реализирани по 6 и 4 проценти од критериумите, додека најлошо стои во категоријата „интересексуален телесен интегритет“ каде нема исполнето ниту еден од критериумите.

Сите критериуми и што од нив има исполнето С. Македонија / Фото: rainbow-europe.org

Со цел да се подобри правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето, во извештајот на „ИЛГА Европа“ за С. Македонија се препорачува усвојување на фер и транспарентна законска рамка за правно признавање на родот, усвојување на нови акциски планови кои конкретно се однесуваат на сексуалната ориентација, родовиот идентитет, родовиот израз и сексуалните карактеристики и одвојување средства за нивна имплементација, како и воведување закони за говор на омраза кои конкретно ќе се однесуваат на сите злосторства мотивирани од сексуална ориентација, родов идентитет, родов израз и сексуални карактеристики, како и механизми за ефективна примена.

Во новиот извештај Малта повторно е на врвот на Европа според остварување на ЛГБТ+ правата, со дури 89% исполнување на критериумите. На првите пет позиции се наоѓаат уште и Белгија, Данска, Шпанија и Исланд.

На самото дно според остварување на ЛГБТ+ правата оваа година е Азербејџан, каде има исполнето само 2% од критериумите, а во најлошите пет се уште и Турција, Ерменија, Русија и Белорусија.