Рускиот суд ги суспендираше активностите на Фондацијата за борба против корупцијата на Алексеј Навални

Рускиот суд денеска го одобри предлогот на обвинителството за суспендирање на сите активности во канцелариите на тимот на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, како и на неговата Фондација за борба против корупцијата (ФБК), јавува „Радио Слободна Европа“.

„Активностите во седиштата на ФБК и Навални се веднаш суспендирани. Со овој потег тие врескаат: Се плашиме од вашите активности, се плашиме од вашите митинзи, се плашиме од паметно гласање“, напиша директорот на ФБК, Иван Жданов на неговиот Твитер профил.

Објавата исто така содржи и фотографија од предлогот на обвинителите.

Ваквиот потег е дел од пошироката иницијатива на Обвинителството во Москва, кое се обидува преку градскиот суд во Москва да ги означи ФБК и две други организации поврзани со Навални како „екстремистички“, бидејќи тие наводно „се занимаваат со создавање услови за дестабилизација на социјалната и социополитичката состојба под маската на нивните либерални пароли“.

Истовремено, предлогот беше осуден од меѓународните и домашните групи за човекови права кои велат дека доколку организациите на Навални официјално се признаат како „екстремистички“, сите нивни вработени може да се соочат со затворски казни од 6 до 10 години.

Навални моментално е во затвор и е осуден на 2 и пол годишна затворска казна поради прекршување на условна казна од друг процес во 2014 година. Тој претходно беше уапсен во јануари по неговото враќање од Германија, каде помина пет месеци опоравувајќи се од труене за кое го обвини Кремљ. Руските власти ги отфрлија ваквите обвинувања.