Преку илјада луѓе уапсени во протестите за Навални низ Русија

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ повеќе руски градови синоќа во поддршка на затворениот критичар на власта, Алексеј Навални.

Голем број граѓаните беа приведени од полицијата уште пред да започнат протестите, меѓу нив и двајца најблиски соработници на Навални во Москва. Организацијата за мониторирање човекови права во Русија соопшти дека избројале 1.495 приведени лица до синоќа во 23 часот.

Демонстрациите започнаа откако сојузниците на затворениот лидер на опозицијата повикаа на собири низ 100 градови низ земјата, организирани истовремено со годишното обраќање на претседателот Владимир Путин на нацијата.

„Ова е правата Русија – слободна и без страв!“, напишаа на Твитер од тимот на Навални со слики од преполните улици во главниот град.

Протестите во двата најголеми града, Москва и Сент Петерсбург се одвиваа под огромно полициско присуство и започнаа неколку часа откако експертите од Обединетите Нации предупредија дека Навални треба да биде евакуиран во странска држава поради потреба од итна здравствена нега.

На дел од снимките кои беа објавени на социјалните мрежи може да се види млада жена во Сент Петерсбург која брутално е приведена од полицијата, додека во друго видео, објавено од тимот на Навални, може да се види како човек добива повеќе електро-шокови за време на неговото апсење.

Критики за апсењата стигнаа од највисоките функционери на Европската Унија. Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, на Твитер напиша дека руските власти мора да го почитуваат правото на собирање на граѓаните.

„Повикувам на Алексеј Навални да му се овозможи квалитетна здравствена нега и да биде пуштен од затвор“, додава Мишел.

Навални беше уапсен во јануари по неговото враќање од Германија, каде помина пет месеци опоравувајќи се од труење за кое го обвини Кремлин. Руските власти ги отфрлаат овие обвинувања. Тој беше осуден на 2 и пол години затвор поради прекршување на неговата условна казна од друг процес во 2014 година.

На 31 март Навални започна штрајк со глад во затворот како протест поради одбивањето на затворските власти да му дозволат медицинска нега за болки во грбот и други здравствени влошувања. Во саботата неговиот личен лекар соопшти дека здравјето на Навални се влошува и побара негово префрлање во болница.

Протести во солидарност со граѓаните од Русија беа организирани и во Полска, Израел, Италија и Германија.