Руски новинар осуден на 22 години затвор за велепредавство

Рускиот истражувачки новинар Иван Сафронов доби казна од 22 години затвор поради велепредавство. Тој бил прогласен за виновен за оддавање руски воени тајни на чешкото разузнавање.

Сафронов, кој работел како новинар една деценија и известувал за воени и безбедносни прашања за водечкиот руски економски весник Комерсант, ги отфрла овие тврдења. Тој од мај 2020 година бил вработен како советник на директорот на руската вселенска компанија Роскосмос.

Тој во судскиот процес се бранел дека собирал информации од јавни извори при неговата работа и не сторил ништо нелегално. Од Роскосмос потврдиле дека тој немал пристап до тајни податоци и велат дека обвиненијата не се однесуваат на неговата работа во компанијата.

Поранешниот новинар одбил да го признае делото за кое беше обвинет, што ќе му ја намалеше казната на 12 години затвор.

Активистите за човекови права повикаа на ослободување на Сафронов, а некои од нив тврдат дека властите во Москва сакаат да го замолчат поради неговото откривање на руски воени инциденти и тајни договори за набавка на оружје.

Оние кои се обвинети за предавство во Русија, често се соочуваат со проблеми да се бранат пред судот поради тајноста во која е обвиен нивниот процес и недостаток на јавно достапни информации.

Случајот на Сафронов е уште еден пример на проблемите со кои се соочуваат руските новинари по почетокот на воената инвазија врз Украина.

Вчера руски суд ја укина лиценцата за Новаја Газета, еден од последните независни медиуми во земјата. Весникот веќе беше под суспензија поради споделување таканаречени „лажни вести“ за руската армија. Руското медиумско регулаторно тело тврди дека весникот работел незаконски.

„Денеска го убија весникот. Украдоа 30 години од животот на неговите вработени. А на читателите им го одзедоа правото на информирање“, стои во соопштението на Новаја Газета по одлуката.

Весникот објавуваше истражувачки стории за корупција и кршење на човековите права во Русија последниве 30 години. Неколку новинари на овој медиум беа убиени за време на неговото постоење. Меѓу нив и Ана Политковскаја, чие убиство во октомври 2006 година беше поврзано со властите во Москва поради нејзините стории за злосторствата направени во Чеченија.

Главниот уредник на весникот, Дмитри Муратов, кој ја доби Нобеловата награда за мир минатата година, последниот период прима смртни закани.

Уредничкиот колегиум на Новаја Газета вчера испрати писмо во кое изразија поддршка за Сафронов, карактеризирајќи го неговото апсење како „акт на омраза“.