Русија го затвори Центарот за човекови права Сахаров

Руските власти го затворија центарот Сахаров, угледна организација за заштита на човековите права, што е нов чекор во сузбивањето на либералните организации кои го доведуваат во прашање официјалниот наратив на Кремљ, вклучително и руската агресија врз Украина, пренесува Ал Џазира Балканс.

Судот во Москва вчера го прифати барањето на Министерството за правда за затворање на центарот, објави новинската агенција Интерфакс.

Московскиот општински суд соопшти дека одлучил да го ликвидира центарот на барање на Министерството за правда, а една од официјалните причини е што центарот Сахаров незаконски организирал конференции, изложби и настани.

Откако е основан во 1996 година, центарот Сахаров организираше стотици дебати, изложби и други настани, а во 2015 година илјадници луѓе се собраа таму да му оддадат почит на убиениот опозициски политичар Борис Немцов.

Организацијата, именувана по физичарот, политички дисидент и нобеловец Андреј Сахаров, работи повеќе од 30 години на подобрување на руското граѓанско општество.

Претходно Москва ја нарече организацијата „странски агент“. На почетокот на годината ги запленила сите простории на  организацијата. Тогаш од центарот го обвинија Кремљ дека се обидува да ги уништи независните организации во земјата.