РСБСП: Возење под дејство на алкохол нема никаква смисла и логика за оправдување

Осумдесет и пет проценти од возачите барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол, покажува анкетното истражување спроведено од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Оттаму истакнуваат дека реалноста и сурова и загрижувачка – голем број сообраќајни незгоди се предизвикани од пијани возачи и затоа апелираат граѓаните никогаш да не седнуваат пијани зад волан.

„Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели дека возачот не смее да управува со возило во сообраќај на пат, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол, се смета лице, за кое ќе се утврди дека количината на алкохол во крвта, изнесува повеќе од 0.50 г/кг. Толеранцијата на алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0-‘нула’. Казнените санкции, во зависност од количината на алкохол во крвта, изнесуваат до 375 евра во денарска противвредност, односно до 60 негативни бода во возачката книшка, од максимум 100 и забрана за управување возило до 12 месеци“, соопштуваат од РСБСП.

Според Републичкиот совет, управувањето со моторно возило под дејство на алкохол, е чин кој нема никаква смисла и логика за оправдување. Да се вози под дејство на алкохол, не само што значи непочитување на Законот, вела тие, туку и непочитување на основните хумани и цивилизациски вредности.

„Да возиш пијан, значи дека не го почитуваш сопствениот живот, дека не го почитуваш животот и здравјето на твоите најблиски, дека не го почитуваш човечкиот живот, без разлика за кој човек станува збор“, велат од РСБСП.

Истражувањата покажуваат дека најголем број од сообраќајните незгоди, во кои учествуваат пијани возачи, завршуваат со сериозни и фатални последици. Најголем број од возачите, кои возеле под дејство на алкохол, патувале на кратко растојание до 20 километри.

Според РСБСП, скоро сите возачи се свесни за последиците од возењето во пијана состојба, но сепак возат, бидејќи никој не верува дека токму него ќе му се случи сообраќајна незгода, а честопати и наоѓаат изговори од типот „Сум возел и друг пат малку пијан, ништо не ми се случи”, „Мене алкохолот не ми влијае, можам да возам и пијан”, „Од две-три пијачки не си пијан, можеш да возиш без никој да те примети”…. Има и такви кои не се плашат од сообраќајната полиција.

„Изговорите велат едно, фактите и статистиката велат дека алкохолот сериозно ги нарушува возачките способности. Резултат на нарушената психомоторна способност кај возачите, се големиот број загинати и повредени лица на патиштата во Македонија. Сообраќајните незгоди се случуваат секому, секогаш и секаде и тоа кога најмалку очекувате. Ниеден настрадан во сообраќајна незгода, не ни сонувал дека баш него може да му се случи тоа“, соопштуваат од РСБСП.