Романот „Остров на духови“ од Макс Сек е објавен на македонски јазик

„Матица македонска“ го објави „Остров на духови“ од финскиот писател Макс Сек, автор чии книги се продадени во повеќе од еден милион примероци, со права за објавување на над 40 пазари и присуство на бестселер-листата на „Њујорк тајмс“.

Романот ја следи детективката Џесика Ниеми, која на изолиран остров се соочува со вознемирувачка легенда и мистерија. Нејзината лична борба се испреплетува со истрагата, создавајќи приказна што ги поврзува криминалистичкиот жанр, психолошката напнатост и елементите на хорор.

Американското списание „Паблишерс викли“ го оценува делото како успешен спој на нордиски криминалистички роман и приказна за духови, истакнувајќи ги напнатоста и изградбата на главниот лик.„Остров на духови“ беше меѓу дванаесетте романи во поширокиот избор за наградата „Петрона“ за 2025 година, британско признание посветено на скандинавската криминалистичка литература.

Сек, познат кај македонската публика и по „Верниот читател“, во 2023 година ја доби наградата „Стаклен клуч“. Меѓу претходните добитници на ова признание се Ју Несбе, Стиг Ларсон и Хенинг Манкел.