Откако минатата година излезе романот „Девојчински спомени“ од француската писателка Ани Ерно во превод на македонски јазик, следната недела од печат излегува романот „Годините“. Изданието е на издавачката куќа „Илика“, а преводот на Андријана Папиќ Манчева.
Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сѐ до почетоците на XXI век, „Годините“ претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“ врз коешто историјата го втиснува својот груб печат, велат од „Илика“.
Како што појаснуваат од издавачката куќа, со оваа книга француската нобеловка востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјективна и имперсонална, приватна и колективна, во ова дело Ерно си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикаже животот и времињата на една цела генерација.
Ани Ерно е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за, како што изјави комисијата, „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Првиот роман насловен „Празни шкафови“ (Les Armoires vides) го објавува во 1974 година. Пробивот во светот на книжевноста го прави со делото „Местото“ (La Place) за кое ја добива наградата „Теофаст Ренодо“. Некаде околу тој период таа преминува од пишување автобиографски романи кон дела што жанровски тешко се класифицираат, но кои се секогаш втемелени врз фактите и случувањата од нејзиниот живот, обликувани и протолкувани со помош на техниките на фикцијата.