Промоција на романот „Бела сама“ на Виолета Танчева-Златева

Утре (вторник) од 19:19 часот, во Културно-информативниот центар, во салон „Империјал 2“, ќе се промовира најновото прозно дело „Бела сама“ на авторката Виолета Танчева-Златева.

Промотор на настанот ќе биде Ана Јовковска, научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, новинарка, колумнистка и писателка, како и добра познавачка на македонската книжевност, се посочува во најавата за настанот.

„Според Лидија Димковска, женскиот принцип во приказната, растргнат меѓу патријархалноста и еманципацијата, е личен и колективен. Бела Сама е и Бела и Сама, впрочем, како толкумина други девојчиња, девојки и жени кои поминуваат покрај нас со своето бреме што можат да го видат само нашите внатрешни очи. Виолета Танчева-Златева на топол хуманистички начин токму ним им дава право на глас и со тоа ни нуди четиво за промислување, за сеќавање, за поддршка и за дејствување“, пишува во најавата на Фејсбук настанот.

Танчева-Златева досега има објавено пет прозни и девет поетски книги. Застапена е во повеќе домашни и странски антологии, панорами и избори, а нејзиниот нов роман е уште едно во низата дела-бисери на македонската проза.

Влезот на настанот е слободен.