Влада Урошевиќ: Во време кога сите сакаат да напишат современ, јас напишав старовремски роман

Во киното „Фросина“ вчера беше промовиран најновиот роман на академик Влада Урошевиќ – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.

На промотивниот настан беа претставени и неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промотори на книгите беа авторите на поговорите – Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.

Како што соопштуваат од „Арс Ламина“, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, е седмиот роман на Урошевиќ. Покрај тоа што е неговиот најдолг роман, тој е и со најдолг и необичен наслов.

„Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе – се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака. Старовремски роман звучи чудно денес, но мислам дека мене ми одговараше. Насловот можете да го сфатите и со извесна доза на хумор, кажано“, изјави Урошевиќ.

Тој потенцираше дека овој роман е напишан како еден израз на носталгија кон некогашните книги што ги читал. Израз на некоја потреба од враќање во времињата на детството, на првите лектири. Едноставно, сакал да напише роман како што се пишувало некогаш.

„Со бавен вовед во настаните, со лесни навестувања на идниот заплет. Со описи на природата на годишните времиња. Сакав да напишам нешто што ќе даде впечаток на текот на времето. Сакав да ја опишам како времето влијае со својот тек врз луѓето, врз предметите, градбите… Се сеќавам во младоста, кога го читав краткиот роман ‘Кон светилникот’ на Вирџинија Вулф, многу ме фасцинираше една епизода, каде што опишува една куќа што е напуштена. Воодушевува начинот на кој е опишано што се случува кога ништо не се случува – текот на времето. Во новиот роман има многу работи што се случуваат постојано. Но, сакав да го покажам на извесен начин влијанието на времето и хронолошкото време, и на атмосферското време, како ја внесуваат својата промена во сите нешта што постојат. Низ таа постапка сакав да ја изразам минливоста на нештата. Веројатно критичарите ќе се обидат да одредат што сум сакал да кажам. Пред сè, ова не е роман со теза, тука сакав да раскажам една приказна, на колку што можев подобар начин. И тоа ми беше целта’, изјави Урошевиќ.

Во неговите романи опфаќа многу жанрови, има научна фантастика, елементи на криминалистички роман, на бајка… Урошевиќ вели дека со секое ново дело е пред нов предизвик да види што може да направи во нов жанр.

„Се надевам дека помеѓу сите мои романи може да се најде некоја врска, дека сепак се поврзани. На пример, постои врска меѓу ‘Маџун’ и ‘Мојата роднина Емилија’, има врска меѓу ‘Невестата на змејот’ и ‘Дива лига’… Морам да признам дека секогаш со некоја доза на страв ги отворам моите објавени романи. Кога повторно ги пречитувам во мене се борат две чувства: едното е чувство на извесна радост што моите книги напишани пред неколку десетици години сѐ уште живеат, сѐ уште доаѓаат до читателите на иницијативата на некои издавачи. Тоа ме полни со извесна сатисфакција. Од друга страна, постои едно непријатно чувство на пропуштена шанса – секогаш кога ќе читам своја поранешна книга, си велам, ‘ова е мошне добро, но можело да биде и подобро!’ Но, за жал, животот се живее само еднаш и нема враќање назад. Она што сме го направиле – сме го направиле. Како што вели Марко Цепенков: ‘Стореното не може да се отстори’. Во тоа лежи трагичноста на нашиот живот и истовремено неговата неповторлива убавина“, рече Урошевиќ.

Фото: Арс Ламина – публикации