Рестораните и кафулињата да работат до 18 часот предлага Комисијата за заразни болести

Угостителските објекти да затвораат во 18 часот, наместо до 21 како што беше досега, е една од препораките во новиот пакет рестриктивни мерки кои Комисијата за заразни болести ќе ја достават до Владата за периодот од 18 декември до 21 јануари со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот празничен период.

„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препорако кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот Венко Филипче.

Од Комисијата соопштија дека останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во престојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците.

Комисијата исто така ќе достави и препорака за групирање во станови за престојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, додава министерот Филипче.

Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот  број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.

Препораките ќе бидаат доставени до Владата денеска со препорака да стапат на сила од 18 декемви и да важат до 21 јаунари.

На денешната седница на Комисијата за заразни болести биле присутни и преставници на Независната угостителска комора кои го изразија несогласување со новиот пакет мерки што се однесува на реорганизација на работното време на угоститетелските објекти и доставија до Комисијата нивни предлози.