Рефлектор: Медицинскиот отпад во Дрисла е зголемен за 7,7 пати меѓу 2000 и 2017 година

„Рефлектор“ објави инфографик каде стои дека медицинскиот отпад што се гори во депонијата „Дрисла“ е зголемен за 7,7 пати во периодот меѓу 2000 и 2017 година.

Во 2000 година депонијата кај село Батинци горела 115 тони медицински отпад годишно, во 2005 – 376 тони, во 2012 – 501 тони, а во 2017 година горела 891 тони.

Од „Рефлектор“ пишуваат дека 500 тони годишно е максималниот капацитет на печките на „Дрисла“.

Ако се погледне страната на „Дрисла“, може да се потврдат бројките за горењето отпад на годишно ниво. Единствената стандардизирана депонија во Македонија информира дека  медицинскиот отпад како посебен вид на отпад, како и поради своите специфични карактеристики бара посебен третман.

За потребите на медицинските установи од Градот Скопје и околината, а согласно Решението на Министерството за здравство, „Дрисла“ е единствено претпријатие кое врши собирање и согорување на медицински отпад, односно негова обработка.

„За таа цел во кругот на депонијата е поставена печка за согорување на медицинскиот отпад – инсенератор, со капацитет од 200кг на час согорување на медицински отпад или 500 тони на годишно ниво. Инсенераторот (печката за спалување на медицински отпад) е дониран на Р.Македонија од Британската Влада. Донесен е на локалитетот ‘Дрисла’ во февруари 2000 година, а пуштен е во употреба во април 2000 година. Инсенераторот лоциран во депонија ‘Дрисла’ е со основна намена за спалување на медицински отпад и лекови со поминат рок. Но, исто така во него може да се согорува и друг вид на отпад по барање на правни и физички лица“, стои на страната на „Дрисла“.

Депонија „Дрисла“

Пред една година, „Дрисла“ беше казнета со 8.500 евра. По допрен глас, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за кривично дело, загадување на животната средина и природата.

Ова дојде откако Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека не ги почитува протоколите за горење медицински отпад. Медиумите и претходно низ годините пишуваа за тоа дека инсинераторот не ги исполнува стандардите и постојано се повторуваат најави дека се планира негово менување.

Актуелен во земјава потоа стана и текстот на британскиот весник „Гардијан“ од 2001 година, кога пишуваше дека на Македонија и бил доделен инсинератор од британската Влада. Тој би бил нелегален во Британија, а доколку Македонија се приклучи во ЕУ, пишуваше „Гардијан“, инсинераторот ќе мора да се отстрани бидејќи е опасност за локалните жители и ги прекршува стандардите на ЕУ.

Во април 2018 во депонијата беше пуштен во употреба новиот филтер за согорување на медицински отпад, а скопскиот градоначалник Петре Шилегов тврдеше дека „Дрисла“ повеќе нема да го загадува воздухот.

Б.Ш.