Обвинителството отвори предмет против „Дрисла“ за загадување на животната средина

По допрен глас, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за кривично дело, загадување на животната средина и природата, информираат од ОЈО.

„Во насока на утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител испрати барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање потребни податоци во врска со досегашна извршена контрола над работењето на депонијата Дрисла, како и доколку е извршена контрола дали е констатирано почитување на протоколите за согорување на медицински отпад од страна на депонијата и други информации“, се вели во соопштението на ОЈО.

Депонијата „Дрисла“ во 2012 година требало да добие нова печка, но тоа не се случило од непознати причини, информираше денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

„Нашите претходници пред шест години планирале нова печка за согорување на медицински отпад во депонијата ‘Дрисла’, но печката не е набавена. За набавката постои и меница од 700 илјади евра која е нереализирана од за нас непознати причини“, рече Шилегов.

Неодамна „Дрисла“ беше казнета со со 8.500 евра. Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека не ги почитува протоколите за горење медицински отпад. Медиумите и претходно низ годините пишуваа за тоа дека инсинераторот, односно направата за горење ваков отпад не ги исполнува стандардите и постојано се повторуваат најави дека се планира негово менување.

Актуелен деновиве стана и текстот на британскиот весник „Гардијан“ од 2001 година, кога пишуваше дека на Македонија и бил доделен инсинератор од британската Влада. Тој би бил нелегален во Британија, а доколку Македонија се приклучи во ЕУ, според „Гардијан“, инсинераторот ќе мора да се отстрани бидејќи е опасност за локалните жители и ги прекршува стандардите на ЕУ. По ова, Министерството за животна средина и Град Скопје потврдија дека инсинераторот се уште е во употреба на депонијата.