Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот, рече Шилегов по пуштање во употреба на новиот филтер на депонијата

На отворениот ден за новинарите и еко-здруженијата во депонијата Дрисла беше пуштен во употреба новиот филтер на печката за согорување медицински отпад (исенератор), а скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека депонијата повеќе нема да го загадува воздухот.

„Од идната сезона, Дрисла нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Од денеска  во функција е новиот филтер во депонијата Дрисла. Станува збор за филтер кој е поставен на  инсенераторот  за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честички што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките  на Државниот инспекторат за животна средина“, рече градоначалникот.

Шилегов нагласи дека филтерот ќе се користи се до поставување нова печка, додавајќи дека филтерот покажал одлични резултати на тестирањата кои биле извршени пред пуштањето во употреба.

Со тестирањето било утврдено дека просечното количеството на издувните гасови јаглерод моноксидот, азотните оксиди, сулфурните оксиди и ПМ10 честичките не ги надминуваат граничните вредности согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување.

„Дополнително, покрај инсталирањето на филтерот со цел креирање целосно еколошко решение горивото на кое работи печката, нафтата, е заменето со гас. Како што ветивме, работиме на долгорочни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје во зимскиот период.  Свесни сме дека со ова не го решаваме во целост проблемот со загадувањето, но исто така треба да бидеме свесни дека со повеќе вакви чекори се стигнува до трајно решение“, изјави Шилегов.

Депонијата „Дрисла“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и е единствената депонија во земјава која собраниот комунален отпад го депонира согласно со европските стандарди. Со поставување на новиот филтер на печката за согорување медицински отпад, целосно ги исполнува сите стандарди, согласно со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, посочуваат од Град Скопје.

Самиот филтер се состои од механички фаќач на ПМ честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и спреер со водена магла. Над спреерот со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување сонди за мерење.

ФОТО: Град Скопје