Библиотеката „Браќа Миладиновци“ информира дека во вторник (5 септември) во просториите на библиотеката ќе има разговор со авторката Николина Андова Шопова за нејзиниот втор роман „Естом“.
„Романот ‘Естом’ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат“, вели писателот и книжевен критичар Владимир Јанковски.
Разговорот со Андова Шопова ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски. Настанот ќе започне во 19 часот.
Николина Андова Шопова е авторка на две поетски збирки „Влезот е од другата страна“ (2013) и „Поврзи ги точките“ (2014). Нејзината прва збирка поезија „Влезот е од другата страна“ ја доби престижната награда Мостови на Струга, награда што ја доделува УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата. Учесник е на бројни европски поетски фестивали, а нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици и е дел од неколку поетски антологии. Во 2019 година ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзиниот прв роман „Некој бил тука“, награда што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Издавачката куќа Или-Или во 2020 година ја издаде нејзината книга за деца „Кртот Ѕвездан“, а две години подоцна, во 2022 година излезе и нејзиниот втор роман „Естом“.
Романот „Естом“ е достапен во сите библиотеки на „Браќа Миладиновци“.
Разговорот со авторката на „Естом“ е почеток на вториот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“.