Саемот на книга 2021 ќе се одржи од 8 до 14 септември

Под мотото „Безбедни саеми“, Саемот на книга ќе биде првата саемска манифестација за 2021 година, која ќе се одржи од 8 до 14 септември во „А1 Арена“, односно Спортскиот центар „Борис Трајковски“

Од организацијата известуваат дека Саемот на книга и оваа година ќе биде организиран во соработка со Македонската Асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија.

„Саемот на книга претставува најпозната манифестација за читателите и е проследена со масовна продажба на книги. Издавачите ги подготвуваат најновите изданија за презентација, а посетителите повторно ќе можат да изберат од големата и разновидна понуда од голем број домашни и странски автори“, дополнуваат оттаму.

За време на одржување на саемот протоколите за безбедност ќе бидат најстрого почитувани, за кои посетителите и изложувачите ќе бидат навремено информирани.

Саемот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, кое традиционално ја поддржува оваа голема културна манифестација.