„Расплет фестивал“ – хуманитарна музичка програма на 1 и 2 август на Споменикот на слободата во Кочани  

На Споменикот на слободата во Кочани на 1 и 2 август ќе се одвива дводневен хуманитарен музички настан „Расплет фестивал“, организиран од млади луѓе од Кочани.

„Четири месеци се поминати, но раната оставена од трагедијата е се’ уште свежа. За жал, вниманието на јавноста сè повеќе и повеќе се губи, а луѓето забораваат. Не смееме да дозволиме таква ситуација да остане незабележана. Тишината во овој момент е гласна, затоа ние треба да сме погласни“, посочуваат дечките од „Расплет фестивал“.

Како што нагласуваат, главна цел на настанот е да подигнат свест дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како уште првите денови на формирањето на Support Kocani.

„Донациите стивнуваат. Ние сме овде да ве потсетеме дека донациите не смеат да запрат, бидејќи им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив, од кои некои директно се вклучени во фестивалот за нивна повторна социјализација“, соопштуваат тие.

Причината за дводневното времетраење, велат младите организатори, е за да може да се привлече поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што можно поголем број на донации.

„Вториот дел од настанот (сабота, 2 август) ќе започне подоцна, да се остави простор на мировниот марш, кои ние со сè срце го подржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да земаат учество и надвор од Кочани. Само ние, младите, можеме да си помогнеме едни на други“, нагласуваат младите организатори на „Расплет фестивал“.

Тие посочуваат дека целиот настан е посветен нa Сара Јорданова, нивна драга пријателка и соученичка која го загуби својот живот во пожарот, но и кон сите други засегнати.

„Се гледаме на први и втори август на Споменикот на слободата во Кочани!“, стои во соопштението за „Расплет фестивал“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @raspletfest

Кој ќе настапува?

Во музичката програма најавен е „Луфтанза“, шестчленет алтернативен бенд од Скопје. Нивниот звук може да се опише како мешавина од различни стилови, создавајќи уникатна музика која е досега невидена на македонската сцена.

„Со својот трет студиски албум ‘Далеку од вистинското нешто’ тие нè носат на лет низ сопствените емоции, притоа предизвикувајќи силно чувство на носталгија кај секој слушател. За прв пат настапуваат во Кочани и тоа хуманитарно“, соопштуваат организаторите.

Меѓу настапувачите се и „Алембик“, кои организаторот ги карактеризира како еден од најуникатните музички состави на Балканот.

„Впечатливиот звук на тереминот и волшебните вокали перфектно се вклопуваат со несекојдневните тапани и гитара. Кумовите на фестивалот ‘Сепак се врти’ нудат незаборавно хуманитарно концертно искуство“, стои во најавата.

Јаблан е српски „pluggnb“ рапер од Белград познат по својата атмосферска музика која комбинира мелодични вокали со „plugg“ трап ритми.

„Неговите песни се често интроспективни и се занимаваат со теми на љубов, тага и лични превирања. Признат е како еден од главните претставници на pluggnb жанрот во регионот.
Настапува со Воин и Ерис“, посочуваат организаторите.

Еден од татковците на македонската трап сцена и истовремено најзастапениот артист на истиот жанр е Донплеја. Со неговите хит песни „Slav Life“ и „Бонбони“ хуманитарно ја донесува Донплејадата во Кочани.

chambre des ~ sourds“ е белградски пост рок/shoegaze бенд. Ја разбудија српската алтернативна сцена со својот прв сингл „podrum[grlo]“, а наскоро следува и друг.

Еден од помладите бендови на овој фестивал (тапанарот има само 14 години) се „Големата Вода“.

„Меланхоличниот звук на гитарите остава длабок впечаток во душата на секој слушател. Агресивниот и емотивен пост-хардкор звук најдобро го опишува нивниот пристап“, се вели во најавата за нив.

Во музичката агенда се вброени и „Хајка“, панк/пост панк бенд од Скопје кои свират брзо и не запираат. Преку нивните три албуми имаат изразено широк спектар на „меморабилни звуци“.

„Не им е прв настап во Кочани, а сега се враќаат со уште посвежа и сега хуманитарна енергија!“, нагласуваат организаторите.

Корка“ е гласен 5-член бенд од Кочани, кој инкорпорира множество елементи од дисонантините нојз рок 90-ти и бурната алтернативна рок сцена. Дел од организаторите на овој хуманитарен настан, преку бучни рифови и вокали ви го претставува ужасниот живот на анти-херојот „Ристо”

Кога се зборува за џез во Македонија, реченицата не е потполна без „Taxi Consilium“.

„Реклаксирачки тонови проткаени со доза на медитација, сплетени со нишки на злосторство, декадентно ја опишуваат полноќта. Со уметнички и раскошен стил, ги вметнуваат нотите на кларинетот, контра басот, гитарата, тапаните и хуманитарно настапуваат на ‘Расплет’!“, пишуваат организаторите.

Ќе настапува и „Mallard“, 4-член „post-hardcore“ бенд од Скопје. После три години обидувајки се да достигнат искрена музика, со истата настапуваат за прв пат на „Расплет фестивал“.

Исто така, во музичката програма е вброен и Марко Филиповски aка Gianni Filipo, андерграунд диџеј и продуцент кој има посебна љубов кон јамајската „саунд систем“ и „британска бас“ сцена. Неговите сетови се жанровски мешовити со ритмови од 140 до 160 БПМ, но пред сѐ се фокусирани на басот. Настапува и со Донплеја.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @raspletfest

Бојан Шашевски