МКЦ беше млад на фестивалот „Градот ме тера да пеам“

Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вчера беше исполнет со младинска енергија на дванаесеттиот „ПМГ Рекордингс фестивал“, овој пат реализиран под името „Градот ме тера да пеам“.

Во МКЦ се случи лавина од млади луѓе, распрскани низ внатрешниот и надворешниот дел на Центарот кој годинава одбележува „50-ка“ од своето постоење. Она што пак овој фестивал го одбележа се некои од предводниците на новата генерација алтернативни и рокенрол бендови како „Cut your nipple“, „Хајка“ и „Луфтанза“, од кои последниве свиреа целовечерен концерт, промовирајќи го својот нов албум „Давор“.

Тие свиреа во денсинг салата во МКЦ, каде свој настап забележаа и хрватскиот електропоп бенд „Nipplepeople“ и домашниот состав „Кантон6“.

На втората бина наречена „PMG Tanz Digital stage“, поставена во бифето „Фросина“, свои настапи имаат Андреја Салпе, Веселинов, Галатеја и Виолета Качакова.