#РаскажиМи: „Најтажната приказна за среќата“ од Јована Анѓелковска

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Најтажната приказна за среќата“ од Јована Анѓелковска.

Најтажната приказна за среќата

Велат дека со годините доаѓа и мудроста. Колку постар си толку помудар си. Додека бев мала и незрела бунтовно се спротивставував на оваа изрека, затоа што силно верував во себе и својата моќ. Се разбира, денес пораснав и сфатив дека малата јас била само дете кое никогаш ја нема запознато мрачната страна на светот.

Го пиев своето утринско кафе додека сонцето милно ме галеше по лицето, ги затворив очите и замислив дека сме повторно 2014 година. „Добредојде дома!” – слушнав како некој ми вели. Гласот ми беше премногу познат, силуетата изгледаше исто така премногу позната, но не можев да се сетам кој е тоа. Неколку пати ги
протрив очите, мислејќи дека подобро ќе ја видам оваа личност, но напразно. Почнав да чувствувам како пулсот брзо ми расте, дланките почнаа да ми се потат, го давав најдобро од себе да ја препознаам оваа личност. Направив неколку чекори и се доближив кон силуетата, но колку повеќе јас се доближував кон неа, таа толку повеќе бегаше од мене.

Дете, што разбирам јас од возрасни игри и манипулации, па затоа почнав исплашено да пелтечам некои зборови: „Здраво. Те знам… Те познавам…”. Целото тело почна да ми се тресе кога слушнав како некој позади мене гласно се насмеа. „

Ја имам слушнато таа насмевка. Те познавам, но не знам…” се единствените зборови кои успеав да ги кажам пред да бидам прекината.

„Не, не ме познаваш. Не можеш да познаваш некој кој никогаш не си го запознала.”

Почнав искрено да се плашам сега, срцето ми чукаше премногу брзо, сакав да почнам да плачам и молам за помош. Посакувам да можев да трчам, да избегам далеку од овде, но нозете ми беа неподвижни, целото тело ми беше вкочането.

„Зошто си овде? Што се случува? Се плашам.”

Повторно истата насмевка, повторно се исплашив и сега почнаа солзите да ми навираат.

“Ти самата дојде овде, самата си виновна за ова што ти се случува. Што правиш овде? Што бараш овде кај мене? Зошто повторно дојде кај мене?”

Молчев, не знаев што да кажам, колената почнаа уште посилно да ми се тресат и се струполив на ладниот под, солзите уште посилно почнаа да ми паѓаат и сега почнав на глас да плачам, затоа што токму во тој момент јас пораснав.

Ги отворив очите. Ги избришав солзите и продолжив да си го пијам кафето.

Научив да не размислувам за минатото, научив да не се враќам во минатото. Научив да го сакам минатото, научив да го почитувам минатото. И онаа најтешката лекција, онаа најболната, онаа за која ми требаа многу години да ја научам, денес конечно ја научив. Научив како да го прифатам минатото.

Со годините доаѓа искуството, со годините доаѓа мудроста, но со годините доаѓа и среќата. Затоа немојте да го планирате животот пред време. Научете да му се препуштите на животот и дозволете му тој да ве води вас, а не вие него. Не може да пораснете доколку немате години, не може да бегате доколку немате од што и не може да имате среќа доколку сте немале минато.

Секое минато носи среќа, само доколку научете да го прифатите.

***

Јована Анѓелковска има 20 години и потекнува од Неготино. Студира програмирање, но пишува проза и поезија. Нејзините дела може да се прочитаат на Инстаграм профилот __butterflyangel.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.