#РаскажиМи: извадок од романот „Вистинска илузија во лажен свет“ од Ангела Бошкоска

Овојпат во рубриката #РаскажиМи читаме краток извадок од романот „Вистинска илузија во лажен свет“ од Ангела Бошкоска.

Вистинска илузија во лажен свет

Беше многу рано наутро кога Рамелија ги отвори очите. Почувствува дека ја облева возбуда за претстојниот ден. Денес тие одеа во Париз и таа имаше волја. Во неа како да се измешаа оние носталгични чувства за нешто што претходно причинувало толку убаво искуство и чувства на копнеж кон подобро. Сето тоа беше магично. Таа одлучи да стане рано за да си докупи некои работи од маркетот. Карактерот ѝ оддаваше карактеристики на сосема комплетен и перфектен организатор, па не сакаше да изостави ништо. Плус имаше неколку работи кои таа од некоја причина секогаш ги земаше за Сидни, се разбира, место неа. Стана и ја фати косата во малку неуредно, но без да изгледа непристојно, коњско опавче. Набрзина го изми лицето и
облече широка тренерка. Таа одеше во најблискиот супермаркет и тоа беше средина каде се вклопуваше исто како со блиски луѓе. Колку и да зборуваа сите за Англичаните дека се студени или непријателски расположени луѓе, тие во суштина и не беа такви. Барем некои од нив. Или во населбата на Рамелија можеше да се пронајдат прилично достојни спротивности на ваквите описи. Одеше по полиците за лична хигиена. Од личните работи сметаше дека секогаш треба да има вишок. Односно, според неа вишокот не беше одвишок, туку роба наменета за секој случај, што всушност имаше смисла. Таа внимателно ги разгледуваше четките за заби. Се двоумеше дали да си купи електрична или обична четкичка.
– Мислам дека со Philips би направиле добар избор. И, сеедно, вашето двоумење ќе заврши.
– Тој се насмевна. Имаше прекрасна насмевка. Рамелија беше стаписана. Неговата насмевка и фактот што тој беше тука. Во нејзиниот супермаркет и во нејзиното соседство. И тоа што толку многу потсетуваше на него. Тие беа како клон. Не беше сигурна кој кому му беше клониран, но само на тој начин веруваше дека е возможно нивното постоење. Ја вовлече едната рака длабоко во џебовите на тренерката, а со другата подмести зад увото едно мало праменче што немирно излегуваше од ластичето за коса. За момент се свести и воопшто не сакаше да изгледа како да се збунила.
– Јас… вие! Што правите вие тука? Мислам, здраво пред сѐ! – се насмевна, обидувајќи се да изгледа поприсебно и му подаде рака.
– Здраво и вам! Јас – тој се почеша за главата и го сврте погледот околу – хм, јас пазарувам. Изгледа истото што и вие.
– Да, мислам, се разбира. Не сакав тоа да звучи нападно. Мислам, да не ме разберете погрешно.Само не знаев дека сте од овој крај. Не сум ве видела никогаш претходно. Не овде.
– Бев на поминување и ми требаа неколку работи. Се надевам Вам не Ви пречи тоа? – тој ја поткрена едната веѓа и направи чекор наназад. Цело време додека зборуваа, тој ја имаше поставено својата вилица во истата насмевка. Тоа беше сосема необично, со оглед на тоа што претходно Рамелија го гледаше само кога прави неудобни гримаси.
– Не, не, воопшто. Мислам, убаво што Ве видов – ги извади рацете од џебовите и посегна кон електричните четкички. Рековте Philips се најдобри? Зошто?
– Затоа што се испробани. Дозволете – тој избра две од новата колекција и ѝ ги подаде.
– Забележав дека Ви се потребни две?
– Да, баш така. Благодарам. Изгледа ќе треба да Ви поверувам.
– Вие престанавте да доаѓате во паркот. Или можеби не можеме да го погодиме времето? Се случува ли нешто?
Тоа звучеше малку чудно. Кога таа би била во други околности или можеби со друга личност пред себе, да. Но, во овој случај, под овие услови и сето влијание што неговото присуство го имаше врз неа, таа беше целата понесена во разговорот и веднаш му одговори.
– Да. Мислам, веќе не одам толку често. Не дека се случува нешто, не. Само обврски и знаете…
Цртате ли уште? Чувствуваше силна потреба да го праша.
– На секоја повторна средба ми го поставувате истото прашање. Да, цртам, и сѐ уште ја имам истата алинеја кон тоа. Јас понекогаш навистина посакувам да Ве сретнам таму. Како соговорник и познаник. Како човек што го наоѓа својот мир во толку едноставни нешта. Мислам, заедно ја предизвикувате емоцијата што може да се допре. Вие и вашиот мир. Да речеме дека тоа е инспиративно за еден цртач.
– Или еден уметник. Повторно зборуватe без да земете здив.
– Можеби е така. Навистина.
– Јас се извинувам, но морам да одам. Ми причини задоволство што Ве видов. – Рамелија го кажа тоа и го погледна својот рачен часовник. Доколку останеше уште малку, ќе доцнеше.
– И мене исто. Па, се гледаме во некој друг живот.
Тој ѝ подаде рака. Рамелија му возврати и замина на каса. Таа беше малку избезумена. Нешто внатре во неа ѝ посочуваше кон тоа дека ѝ создава возбуда разговорот со оваа личност, која и да беше. Од друга страна начинот на кој тој зборуваше. „Што ли беше она, се гледаме во друг живот? Го сретнал во некој филм или што значи?“
– Петнаесет фунти и триесет и пет центи. – Касиерката мораше да повтори двапати за Рамелија да ја слушне. Тоа често се случуваше во маркетите и касиерките постојано правеа гримаси, кои покажуваа дека тие се изморени од сопствената работа. Рамелија сепак се извини и побрза да излезе од супермаркетот. Таа брзаше. Не знаеше дали тоа беше бидејќи сакаше побрзо да го напушти местото или бидејќи доцнеше со распоредот. „Навистина, што правеше тој овде? Сепак, можеби сосема случајно се погодило. Барем не мораше да изгледам како ѓубре.“ Оваа нејзина помисла ја натера да се сепне. Дали таа сакаше да изгледа убаво пред овој човек? Го посакуваше неговото присуство. Секогаш кога мислеше за некого на овој начин се чувствуваше како да прекршува заклетва. Тоа беше лошо за поднесување и многу полесно ѝ беше кога стоеше настрана од вплеткување со таквите емоции. Што ако повеќе не можеше да им се противи? Сега можеше да се концентрира на пакувањето. Не дека не можеше без одредени нешта, само не сакаше да испушти ништо. Беше веќе десет часот и триесет минути. Во единаесет и петнаесет тие требаше да одат кај Сидни. Се договорија Лукас да ги одвезе до железничката станица. Поради сиот тој огромен багаж што го имаа и еднакво големиот автомобил на Лукас. Тој возеше Ауди Хибрид.
– Сидни, подготвени ли сте?
– Да, да, еве уште малку. Ќе те барам за пет минути, важи? – Сидни ја спушти слушалката. Таа се брзаше. Тоа можеше да се заклучи од збунетоста што ја забележа во нејзиниот глас. Лукас тропна на дрвената ограда на врвот од скалите. Рамелија беше вовлечена во плакарот и не го забележа.
– Спремна ли си, душо?
– Јас, да! Мислам како што можеш да видиш.
Излезе од малата просторија за додатоци и облека со неколку шапки ставени една над друга над нејзината глава. Тоа беше сцена од нејзиниот омилен филм која и на двајцата им беше добро позната. И двајцата се насмеаја гласно кога шапките се срушија на подот. Бидејќи беа многу и имаа тежина, од нивниот пад таа малку се заниша. Лукас дојде до неа.
– Чувај се, Рам. Јас ти посакувам убаво да поминеш, и најубаво, затоа што тоа го заслужуваш. Не барам од тебе постојано да ме известуваш, мислам ти си веќе возрасна. Но, јас ќе се грижам за тебе сѐ додека можам. Тоа ѝ го ветив на мајка ти и ќе го исполнам.
– Ми значи тоа, Лук. Ти си ми единственото семејство што го имам. Ти си единствениот татко кој некогаш сум го имала. И за тоа сум ти благодарна пред сѐ тебе затоа што си прекрасна личност и благодарам што влезе во мојот живот.

***

Сидни и Ленона веќе беа симнати и ги чекаа пред влезот на зградата на Сидни. Рамелија се зачуди, но навистина ѝ олесни што можеше да го одбегне она благо, ама вистинско нервирање кога чекаш некого знаејќи дека и двајцата доцните.
– Здраво, девојко! Подготвена ли си? Каде се твоите фабулозни парчиња облека? – Сидни ја извади цигарата од уста и во исто време црниот качкет, кој совршено се вклопуваше со нејзиниот елегантен стајлинг.
– Во автомобилот се, Сидни. Колку торби си спакувала ти?!
– Јас се обидов да го земам она најпотребното, знаеш. Ма ајде, не се многу.
Сите четворица гледаа во шесте куфери кои се наоѓаа пред прагот на зградата. Два, односно еден голем и една многу мала патна торба беа на Ленона, што значеше дека четири средно големи куфери беа на Сидни.
– Ух, мислам дека некако ќе се превеземе до железничката, – воздивнувајќи Лукас почна да ги крева еден по еден и да ги сместува во автомобилот.
– Но, што ќе правиме ако нѐ вратат од таму? – Ленона ја подбуцна Сидни и сите почнаа да се смеат. Сидни остана сериозна затоа што во нејзината глава почнаа да се вртат сите оние сценарија што ќе прави таа без своите „неопходни“ парчиња облека.

***

Тргнаа кон вагонот чија врата цело време додека седеа на клупата беше паралелно поставена и отворена кон нив. Рамелија влезе последна. Во тој момент се сврте назад. Секогаш го правеше тоа да се увери дека ништо не заборавиле.
Тогаш го здголеда него. Повторно, во само неколку часа. Повторно на местото каде што беше и таа. Тој беше малку подалеку од нив. Нивните погледи се пресретнаа. Тој поита кон вратата. Во истиот момент кондуктерот ја даде својата трета и последна предупредувачка изјава за сите патници да влезат и да застанат на своите места затоа што вратите ќе се затворат. Рамелија влезе и вратата се затвори. Возот веќе ја имаше својата полна пареа и кога тој успеа да стигне пред вратата, локомотивата ги повлече своите вагони. Нивниот поглед повторно се сретна и Рамелија можеше да забележи дека тој се обидува нешто да ѝ каже. Неговите усни се поместија во безвучен изговор. Колку што таа можеше да разбере, тој велеше: „Наскоро.“ „Што значеше тоа?“ Неа ја облеа чувство на непријатност. Студени капки пот почнаа да ѝ течат по лицето. Зошто се вознемири толку? Сидни и Ленона мораше неколкупати да го кажат нејзиното име за таа да се тргне од вратата и да седне. Таа ги послуша и седна на своето место. Цврсто го стегаше за рачката миникуферчето кое ѝ стоеше на скутот.
– Добро ли си? Што се случи кај вратата? – загрижено ја праша Ленона. Нивните погледи се променија. Тие знаеја дека нешто се случи.
–Да, добро сум. Само не разбирам што значеше тоа.
– Кое, мила? – Сидни се обиде да ѝ ја оттргне раката од рачката која силно ја стегаше. – Сакаш ли вода? Некако наеднаш пребледе.
– Може, да. – Отпи една голтка.
– Благодарам.
– Рамелија се сврте кон нив двете и ги погледна. По неколку минути почна да зборува. Почна да им раскажува за сè што чувствуваше и за сè што ѝ се случи, иако претчувствуваше дека истото нема да си замине и да ја остави. Сепак, се обидуваше.

***

Ангела Бошкоска е родена во 2002 година во Тетово. Во моментов е студент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работи како новинарка во Радио МОФ. Во 2021 го издава својот прв роман „Вистинска илузија во лажен свет“.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.