#РаскажиМи: „Ирина од кулите“ од Бојан Шашевски

Овојпат во #РаскажиМи читаме краток расказ од Бојан Шашевски. Делото е првично е објавено на 31 август 2018 година по повод #OverdoseDay, односно Ден посветен на оние кои не се тука поради предозирање, но и за луѓето кои останале без нив.

Ирина од кулите

Населба Острово. Деведесетти. Хероинот беше кул фактор. Социјален хит. Оно Земун брате, оно Булит брате. Тренерка, дукс, ланец. Маало на клупи, во школски, низ „Скопјанка“, „Три бисери“. Докај Џуџе или Керамидница. Колумбо или Гази Баба.

Трк до Мичурин, околу градинка. Висење. Со денови. Понекогаш до „Олида“ во Чаир. Вадење јазик после блицеви. Тоа го правеа „големите“ во маало. Не се криеја од нас. Едукација. Лудило бачко, раз-би-рааш?!

Ирина тука растеше. И јас до неа. Но, Ирина беше преамбициозна за тој расадник. Барем така резимираше во глава.

Ирина не се дрогираше долго, ама се дрогираше многу. Бааги. Беше заљубена во хероин. Затрескана. Сè вложи во хорсот. Само еден дечко, Сашо, го сакаше исто толку. Нивна фотка, како се лапаат, урамена е во станот кај моите дома.

Хероинот ѝ даваше смисла. Леснотија во битисувањето. ТОА беше ТОА. Психоделиците ѝ нудеа платформа за самоспознавање, затоа не ги сакаше. На журка во „Планет Макс“ два саати заглавена на есид во веце. Никогаш повеќе. Избега и отиде да се среди. ,,Ниацин” и после хорс, да му избега на есидот. Да избега од одговорност. Од себе.

Ја криев. Лажев за неа кога лажеше. Лажев за да продолжи да лаже. Лажев дека не знам дека ме лаже. Лажев кога крадеше пари. Бурмите дома, накит. Ѝ беше гајле ако ја фатат. Ја криев. Бегаше да се среди.

Ми пушташе „Продиџи“, „Фјучр саунд оф Лондон“, Џош Винк, Афекс. Имав 12-13-14-ес години. Ми бегаше, па се враќаше. Скокотливо ме живуркаше, ми зборуваше за музика, филмови, култура, филозофија, секс. Ме земаше секаде со неа, низ Скопје и Дојран, со нејзино друштво. И друштво на друштвото. Запознав десетици креативно небалансирани ликови. Ентузијасти, џанаци, уметници, алкоси, музичари, дилери, активисти, адвокати, новинари, келнери, возрасни, тинејџери, широкогради, пасив-агресив ликови, талентирани дечки, интроверти, депресивци, циници, агресивни, позитивни фацки, пацифисти, гејови, самотници… Секакви! Сакаше да видам сè. Ме сакаше. Ме лажеше.

Продолжив да ја кријам. Нон-стоп. И од моите дома, и од нејзините психијатри. Зошто? Затоа што – ми беше поголема сестра!

Она сакаше хорс, а јас неа. Љубов.

ТАА беше ТАА. Интелигентна, тврдоглава, насмеана, грлата, разиграна, устонирана, пијана, искрена до бол, другарка со сите. Ирина, од кулите. Ирина бе!

Ирина преживеа пад од шести кат. Рипна од нејзина соба. Ја гледав од тераса како паѓа. Претходно беше насмеана додека пробувавме со другарка ѝ да ја отвори вратата. Тотално беше свесна што прави. „Бојан. Не беше ради мама или тато. Не беше ради дечко. Лажат по филмови дека луѓето можат да врискаат додека паѓаат. Нема шанси! Дијафрагмата ти оди нагоре, одма губиш свест уште кога ќе рипнеш!“.

Тоа беше пред да се дрогира. Ирина потоа преживеа и сообраќајка. Страшна!

Ирина не го преживеа хероинот. Се предозира на неполни 20 години. Тука, околу маало, каде почна сè. 2000-та. Прво хероин, после и метадон. Не можеше да се среди. Испомеша. Дел од друштвото избегало од неа. Се исплашиле.

Во болница ја држеа неколку месеци на апарати. Толку.

Не ѝ требаше 21 век. Дигитални малициозности и дружба во кутија. Ирина сакаше многу повеќе. Луѓе без кочница, живот надвор од дома. Ирина не сакаше интерпретација на имагинација. Сакаше повеќе. Секогаш. Секогаш нешто недостасуваше. Урбаност, музика во уши, седенки, луѓе да те сфатат, да биде убаво.

Да биде убаво!

***

Бојан Шашевски (1984) е роден во Скопје. За себе вели дека е спонтан анксиозен екстроверт, фанатик за психоделична музика, човек што сака да заглавува по свирки и журки и да се дружи со луѓе. Навивач на Ливерпул. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, отсек новинарство. Работел како новинар во повеќе медиуми, а моментално е уредник на Радио МОФ.  Од 2009 ја води емисијата за психоделична музика „PsyFreq“, прво на независното радио 103-ка, а потоа и на Радио МОФ.

***

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.