#РаскажиМи: „Хектор“ од Бојан Таневски

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Хектор“ од Бојан Таневски. Расказот го освои првото место на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.

Конкурсот беше за прв пат беше распишан во 2022 година, а во 2023  објавени беа добитниците на трите наградени раскази, како и три млади автори кои добија пофалба. Во следниот период, преку #РаскажиМи, ќе ги објавиме пофалените и наградените раскази.

Хектор

„Хектор! Хектор! Разбуди се!“ се проби еден свилен женски глас низ густите ткаенини на сонот што го имаше обземено Хектор. „Хекторе, треба да станеш инаку ќе задоцниш.“

Додека слухот убаво го служеше Хектор, неговите очи сè уште не беа сосема отворени и така како ’рѓосана електрична порта неговите очи полека почнаа да се отвораат, сонцето му ги сечеше очите како срчи, а тој, полека исправувајќи се на ѕидот, се справуваше со оваа проѕирна и остра болка. „Што е сестро? Што е сега? Само што склопив око, а ти добро знаеш дека сонот не ми е силна страна и ме будиш како селски вол“, испливаа мамурно зборовите од неговата уста, додека сестра му, навалена над него со рацете на колковите, го гледаше одозгора, застаната така што нејзиното тело беше во тотална еклипса со утринската сончева светлина, па му рече: „Денеска е Хекторе, денеска е, станувај“.

На овие зборови Хектор се замрзна, бргу ги прошета очите низ собата и рече: „Навистина ли? Денеска? Од сите денови, денеска?“

„Да, Хекторе, денеска. Денеска е твојот погреб.“

„Офф, морам ли? Ајде да го одложиме за друг пат, можеби… Понеделник? Денеска сакам да спијам и да гледам цртани. Знаеш дека ми е многу важно тоа, знаеш.“

„Веќе го одложивме неколкупати. Кога ќе станеш барем малку одговорен?“ го пресече таа. „Вчера, додека спиеше, јас и мама целиот ден го потрошивме во организација. Јави се ваму, па јави се таму, па трчај лево, па десно, па лево, па десно, најдовме прекрасен кетеринг. Значи, зборувам за најпрестижната слаткарница во градот, па потоа потрошивме цели два часа купувајќи и пополнувајќи покани, а ти спиеше! Не ти е срам?“

Хектор го сврти погледот надолу и сенки му ги исполнија очните вдлабнатини.

Таа продолжи: „Па, потоа јас лично отидов во сите цркви за да го најдам најдобриот поп со највисокиот чин кој може да врши такви функции“, таа подзастана и подголтна, „јас и мама не сме најголемите верници, но сакавме да биде попрестижно за да не се посрамотиме пред целиот град. Ова мора да биде најубавиот погреб што досега бил приреден, нашиот престиж, нашето лице зависи од ова, Хекторе, ме слушаш ли?“

„Офффффффф“, се издиша Хектор како тромав балон и ја легна главата во своите дланки, ги протри очите, стана од креветот, се истегна, се проѕева и се исправи: „Добро, ајде, во ред, нека биде така“.

Во овој момент Хектор беше олицетворение на здодевност и мрзливоста. Всушност, и тој самиот заличуваше на мрзливец со неговите долгнавести нозе и раце, грбавиот став, заедно со неговото постојано проѕевање и забавено трепкање.

„Јухуууууу!“, извика сестра му со сета невиност на дете, кое тукушто добило подарок за Нова година, кога ги чу овие уморно изговорени млитави зборови. Таа подрипна и се сврте: „Епа ајде тогаш, облекувај се и побрзај, те чека долу топол појадок“, и тргна по скалите.

Хектор се почеша по главата и со молскавична брзина со својот палец и показалец успеа да грабне една мува, која му стоеше на челото. Ја задржа во своите прсти неколку минути и безмилосно ја смачка, па набргу се најде зад сестра си, симнувајќи се надолу по скалите, од кои имаше вкупно девет.

На поставената маса го пречека неговата мајка. Хектор воопшто не личеше на мајка си, ниту една црта. Нејзините очи беа груби, лицето круто згуснато и остарено, долгата работа во домот низ годините очигледно ги имаше оставено своите траги на неа, додека Хектор имаше многу мазна и бледа фаца со една нежна бебешка кожа, која очигледно не го видела сонцето долго време. Всушност, ако би ја пуштил косата, би било многу лесно некој да помисли дека е женско.

„Добро утро мајко!“

„Добро утро, Хекторе! Спремен ли си, миличко?“

„Па, не сум баш најспремен, мамо. Ти реков и тебе и на сестра ми дека не сакам да ме вознемирувате кога спијам, а особено не сакам да ме вознемирувате кога планирам цел ден да гледам цртани!“

„Во ред, мајкин, смири се. Добро знаеш дека долго време го одолжуваме ова и дека ти си последното машко од целото гратче кое треба да го испратиме.“ Таа ја исправи главата, откривајќи го нејзиниот гол, исушен врат, чија кожа се влечкаше надолу како мокра крпа, нејзиниот став како благородна дама, нејзиниот изглед како искубана кокошка.

„Навистина ми е срам кога одам да пазарувам и кога се сретнувам со моите другарки, знаејќи дека моето семејство е единственото кое не си го погребало машкото дете.“ Таа ги крена лактите на масата. „Воопшто не си како татко ти. Тој беше многу одговорен човек. Кога му дојде денот ниту малку не се побуни. Не беше ни половина мрзлив од тоа што си ти.“ Ја исправи главата уште малку. „Сите се гордееме со тоа, тој беше меѓу првите.“

„Знам, мајко, знам“, врати тој.

Таа продолжи: „Едно е да знаеш, друго е да го примениш знаењето, сине. Не размислуваш ли малку на мајка ти и каков стрес ѝ правиш?“

Тој замолчи и погледна надолу во својата чинија, во топлиот појадок, во жолтата светлина што ја осветлуваше сивата соба. Собата беше мирна, светот заспан.

„Ајде, сега, сине, оди прошетај се. Не е добро починатиот да седи дома пред погребот, но да знаеш дека мораш во еден часот да бидеш на гробиштата.“

„Во ред, мајко, збогум до после.“

Тој стана, ја избриша устата од јадењето, го облече капутот и излезе.

Додека одеше по улицата забележа дека никој не беше излезен од дома и на крајот од патот здогледа излог од една продавница, па застана пред него. Во излогот беа наредени повеќе големи телевизори и на еден од нив беше пуштен некаков цртан. Тој се приближи до стаклото и почна да гледа.

На почетокот екранот беше целосно темен, но наеднаш се појави една жолта точка што постепено се зголемуваше сè додека не стана голема колку една топка за тенис, па потоа почна пополека да се движи лево, десно и надолу по екранот.

Набргу жолтата точка почна да се шири и од неа се оформи некаква антропоморфна фигура, која продолжи да се движи по истата траса од претходно. По неколку минути од ова движење се појави уште една точка, но овој пат таа беше црвена и почна да оди по споредна траекторија со жолтото тело. Точката, слично на жолтата, почна да се издолжува вертикално во форма на стап и да се клати сè додека не ја достигна должината на жолтото тело, кое во ниеден момент не се поклопи со неа.

За кратко време црвената точка почна да се претвора во слична форма на жолтото нешто, но малку поразлично од него, додека ја имаше истата антропоморфна форма, таа се карактеризираше со поголема заобленост во страните што заличуваа на брановити линии. Се гледаше очигледна разлика меѓу двете форми, некаква поврзана обратност, црвената фигура имаше потркалезни и живи движења, додека жолтата фигура вкочането и прецизно се влечеше по црниот пејзаж на екранот.

Хектор го набљудуваше сè ова со огромна љубопитност и внимателно го следеше секој потег на фигурите што почнаа многу брзо и хаотично да се движат. По некое време тие забавеа и нивното движење од обратно стана исто. Всушност, тие почнаа паралелно едни по други да се движат по истата линија сè додека целосно не застанаа на средината на екранот, каде што конечно, по долго движење, двете фигури навидум се бакнаа. Кога го виде ова Хектор малку се закикоти и се насмевна. Така, неколку бавни моменти фигурите стоеја во оваа позиција и полека-полека почнаа да се тресат, па се тресеа и се тресеа и се тресеа сè додека наеднаш не застанаа мирно во едно место.

Следуваше долга пауза и наеднаш двете фигури се одвоија и меѓу нив се појави едно мало портокалово топче, што набргу почна да скока нагоре и надолу додека другите две фигури го гледаа. Портокаловото топче, како што се движеше, така почна да расте и да расте и како што растеше тоа се зголемуваше, додека жолтата и црвената фигура трчаа спобудалено по него. По некое време портокаловото топче почна да заличува на другите две форми и беше речиси со иста големина, а сепак повеќе личеше на жолтата фигура, бидејќи немаше заоблени страни.

Така, трите фигури се преместија во ќошот од екранот и таму стоеја подолг период кога наеднаш од другиот ќош се појави една зелена заоблена фигура слична на црвената и почна брановито да се движи во кругови. Портокаловата фигура, која сега беше поголема од другите две фигури, почна да се одвојува од нив. Таа бавно се движеше накај зелената фигура и кога стигна до неа почна срамежливо да ја заобиколува и набргу влегоа во нешто што заличува на танц и по некое време застанаа. Овде се чинеше како двете фигури повторно да се бакнаа, а кога Хектор погледна во ќошот забележа дека ги немаше жолтата и црвената фигура, тие исчезнале некаде. Портокаловата и зелената фигура како да не го забележаа ова, пополека се наместија на средината на екранот и застанаа. Наеднаш, екранот стана темен и по неколку секунди од темнината се појави жолта точка и цртаниот почна од почеток.

Хектор хипнотизирано стоеше и не мрдаше. Неговите раце беа вкочанети покрај него и имаше една речиси пијана насмевка на неговото лице, кога наеднаш го удри мислата и тој се препоти. Почна да гледа избезумено наоколу и забележа дека часот е десет минути до дванаесет и дека тој, всушност, стоел пред излогот цели три часа. На Хектор му се стемни, ги ококори очите и се фати за челото.

„Добро е, добро е“, си рече, „гробиштата не се далеку, ако трчам ќе стигнам“, и како јапонски воз, барем колку што му се причини нему, шибна нагоре по улицата додека од продавницата излезе продавачката, која извика: „Нема ли да го купите?!“

Хектор трчаше по малите улички, по големите улички, скокаше преку клупи, поминуваше на црвени светла, поради што отстрана се слушаа извици како „мајмун еден!“ и набрзо стигна до периферијата на градот, каде што патот беше поиспокршен и покриен со земја и на еден рид во далечината почнаа да се препознаваат мртвите ливади на гробиштата.

На патот го сретна една стара жена и го праша каде брза толку, па му кажа: „Ако премногу брзаш, единствено можеш порано само до гробот да стигнеш“.

Хектор подзастана издиша и ѝ се насмевна на жената: „Па, баш затоа трчам, си доцнам на погребот, госпоѓо“.

Жената ја заниша главата во знак на зачудување и си продолжи по патот.

Хектор се најде пред портите на гробиштата што беа издигнати на голем рид и почна да се качува по патот на чиј крај стоеше неговата мајка, сестра му, како што му се причини, околу двесте гости, сите облечени во црно.

„Каде беше досега?!“, залаја мајка му. „Гостите стојат и те чекаат од почит. Не ни почнале да јадат од храната што веќе се олади. Попот се утепа од карање на телефон, бидејќи ќе задоцни на следната обврска. Па, не ли мислиш малку на другите?!“, снема здив и подзастана.

Сестра му на Хектор дојде да ја придржи. „Во ред е, мајко, сепак е тука. Ајде да ја завршиме работата“, ја тешеше таа. Гостите го набљудуваа сè ова и кога видоа дека починатиот е пристигнат почнаа да јадат од разните богати јадења што беа педантно приредени.

Попот му пристапи на Хектор и му рече: „Ајде, чедо божјо, имам други обврски“, и од џебот извади очила за сонце, кои ги стави на главата. Хектор застана над својот гроб и погледна надолу во портокаловата земја, набљудувајќи ги жолтеникавите зраци што го грееја неговиот вечен дом. Гробиштата беа мирни, гостите тивко џвакаа, светот беше заспан. Така, со сите гости застанати околу Хектор во еден голем круг, попот почна да го ниша кандилото и да пее. Неговиот глас се ширеше низ гробиштата како некаков ветар со длабок тон. Во овој момент, Хектор особено добро го слушаше шушкањето на дрвјата и некаде при крајот на песната почна да се прашува „како ли ги памети сите тие зборови?“, бидејќи, барем колку што му се причини нему, тој пееше повеќе од половина час.

Кога заврши песната, завладеа затишје. Сите се гледаа меѓусебно. Попот ја погледна мајката, мајката ја погледна сестрата, сестрата гледаше во попот, додека гостите, кои застанаа со своето џвакање, гледаа и во попот и во мајката и во сестрата и во Хектор. Тие зборуваа и мрмореа нешто меѓу себе како да озборуваат некого. Хектор не обрнуваше внимание на ништо од ова. Единствено, во неговиот мозок се вртеа тие фигури на кои им посвети три часа од своето последно време на Земјата. Размислуваше за нивните бои и за нивните движења со една занесена насмевка на лицето и си помисли колку ќе му недостигаат тие движечки слики. По неколку секунди тој се освести, не погледна во никого, скокна во јамата и го закопаа.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.