#РаскажиМи: Хана Корнети – „Ловец на соништа“

Радио МОФ почнува со нова рубрика #РаскажиМи, преку која секој петок во неделата ќе објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела  може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија.  Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овојпат во рубриката го објавуваме расказот „Ловец на соништа“ на Хана Корнети. Таа е родена во 1992 година во Скопје, а паралелно дипломирала Философија и Историја на Middle East Technical University, Анкара, а магистрирала Културолошки студии на универзитетот Сабанџи, Истанбул.

И Македонија и Турција ѝ се дома. Има напишано награден расказ (од „Нова Македонија“) и наградена пиеса (од Здружението на драмски писатели и сценаристи), додека неколку нејзини раскази се издадени во меѓународни електронски списанија. „Ловец на соништа“ е прв пат објавен во нејзината збирка раскази „Млечни заби“, во издание на Или-Или.

Во продолжение го објавуваме расказот „Ловец на соништа“.

Ловец на соништа 

Она што открив кога престанав да доцнам и почнав да пристигнувам навреме, е дека уживам да ги следам изразите на лицата на луѓето што се обидуваа да ме лоцираат во кафулиња, ресторани, барови, паркови. Прво проверуваа дали се на точното место со испитувачки, подзамижени очи, а потоа почнуваа да ме бараат мене, со поглед кој неколкупати поминуваше преку местото каде што сум седната, со усни благо подотворени, со трага од симпатична глупавост во нивниот израз. Кога ќе ме видеа, очите ќе им се подококореа, насмевка ќе се појавеше каде што била вгнездена збунетост, и збрзано и несмасно се протнуваа низ лавиринтот од маси за да стигнат до мене. Ете си. Кога не му обрнував внимание на телефонот и дозволував батеријата да цркне, и Серин не успеваше да ги потврди нашите планови, читав како приближувајќи се, тивко изговара фала курцу.

Седна и си го извади капчето, под кое неуредната коса никна во сите правци, бев на power јога, ми објасни. Сакаше да ме запознае со нејзина другарка која исто така била писателка, но која била навистина објавена, во печатена форма, и би можела да ме посоветува зошто ништо не се случува со моите куси раскази. Не дека не ти ги обожавам, додава Серин, како обично, ама мислам дека она знае подобро да те насочи… кон поширок пазар.

Имавме доста време за да поразговараме – за моите неодамнешни искуства со хонорари и за неодамнешните социјализирања на Серин – затоа што Рене пристигна со задоцнување од цел час, бревтајќи, обидувајќи се да го поврати здивот, одлепувајќи локни од испотеното чело. Обилно се извинуваше, нешто во врска со нејзината тарантула која избегала од терариумот и никако не соработувала да излезе од под гардероберот. Образите ѝ беа румени и уште повеќе ѝ се вцрвија кога ни се сретнаа погледите. Се ракувавме, си го издува носот во преупотребено марамче, седна на столчето спроти мене, и ги засука ракавите во подготовка да го испита менито, откривајќи тетоважа од пајажина на подлактицата. Двапати ја смени нарачката, за што очекував келнерот, кој имаше видливо краток фитиљ, да ја прекори, но самоомаловажувачкиот начин на кој го изведе менувањето нарачки ја направи уште помила, како за келнерот, така и за мене. Изгледаше дека за Серин процесот беше стара работа, така што беше само тивко изиритирана. Секогаш вака прави, ја заниша главата.

Бидејќи Рене доцнеше цел час, Серин мораше да оди во студиото. Со деликатни, мали движења остави пари на масата и несмасно ни замавта со двете раце пред да исчезне во толпата, каде што крупни машки тела ја покрија контурата на нејзината ситна градба и тил. Резимиравме колку ни се допаѓа Серин, пред да бидам оставена со Рене, Рене и нејзините дрдорења.

„Претпоставувам дека тоа што сум дете на разведени родители доведе до одредени проблеми со, знаеш, потреба за пофалби, потреба за љубов, потреба за внимание… ама мислам дека кога си свесна за овие работи можеш да се дистанцираш, знаеш, свеста помaга во борбата.“ Ми презентираше целосна самопсихоанализа во времетраењето на бавно сркано лате, надополнета со семејна историја и детали за нејзиниот ментално нестабилен дедо, со кој била многу блиска како дете. Нејзиното дрдорење не ми пречеше, се чинеше дека извира од природно место, речиси генетска предиспозиција. Ме потсетуваше на средношколка, палејќи ги цигарите една од друга, превртувајќи шишиња вода со преенергични гестикулации, скрстувајќи ги нозете за те едната, те другата нога да е озгора, конечно сместувајќи ги двете стапала под себе на столчето. Го поседуваше тој анемичен вид убавина, со снежнобела кожа и јаглен црна коса, и постојано си го модифицираше изгледот, делче по делче, еден момент играјќи со прстените, друг момент со пирсот на ’рскавицата, трет со ројот ѓердани. Сето тоа би ми го одвлекло вниманието да не беше нејзиниот говор толку жив. Ме праша за моето семејство.

„Ех, онака, секојдневно.“ Ја наклонив главата и се насмевнав.

„Не се преекспонираш, а?“ Образите повторно ѝ заруменија. Зборуваше како ништо да не ја срами, но честотата со која зацрвенуваше правеше да изгледа токму обратно. Почнавме да зборуваме за пишување, додека таа ревносно го мешаше чајот со метална лажичка, иако немаше додадено шеќер во него.

Во еден момент го подигна погледот, сенка ѝ падна на лицето, рече срање со ситен глас. Вртејќи се кон точката на која таа се фокусираше, открив човек кој немоќно се надвиваше над една маса. Имаше нешто избледено во неговата силуета. Сончевите зраци, кои обично би биле блокирани од неговата широка градба, сосема лесно минуваа низ него. Неговото палто, некогаш црно, беше посивено. Брадата му беше тажно, заборавено стрниште. Се дотетерави накај Рене.

„Ти си.“ Имаше страдање во неговиот зарипнат глас. Нѐ обви миризбата на евтин алкохол. „Ти.“

Очите на Рене се претворија во очи на срна соочена со студена цевка од пушка. Се смали на столчето, рамениците ѝ се згрчија кон ’рбетот, целиот говор на тело ѝ стана одбранбен.

„Ефраим…“, промрмори слабо.

„Ми ја украде душата!“ Човекот проба да свика, но гласот му беше премногу папсан, претсмртен крик на преморен, валкан, истанбулски галеб. Ненадејно ѝ го зграпчи лактот. Скокнав и го бутнав наназад, додека солзи од страв се собираа во нејзините очи.

„Еј!“, свикав. „Што правиш, ебате?“ Беше неспособен да ме забележи, со непоколеблив поглед втренчен во Рене, додека длабока омраза му ги боеше шарениците во црвено. Рене стана и ми рече ајде, ќе платиме на каса. Човекот, и покрај тоа што беше барем цела глава повисок од мене, изгледаше неспособен да се оттргне од мојот фат.

„Ми… ми ја украде душата…“ Ја отвораше и затвораше устата, како риба фрлена на копно. Рене беше тргнала да си оди, но се сврте еден последен пат. Погледот ѝ се смени, горделив и лут. Пакост крчкаше во нејзините стеснети очи.

„Те направив бесмртен.“ Одмавна со главата, сигнал за да одиме, и како што претпазливо го отпуштив ракавот на Ефраим, плашејќи се дека повторно ќе тргне по Рене, тој се струполи на столот кој таа само што го ослободи и ја закопа главата во рацете. Моментна насмевка се појави на нејзиното лице кога му плаќавме на селективно финиот келнер, и брзо излеговме од градината на кафулето. Секое делче од Рене пулсираше; непрестајно се вртеше да види дали има некој зад нас. Се извини за сцената, рече дека ѝ е бивш дечко кој не го сварил раскинувањето успешно, виде? Стана агресивен, физички агресивен, ама нема везе, види го графитон… не ми се зборува за него, се надевам нема да ме судиш поради ова, од кај ќе знаев? Ја уверив дека нема. Рече дека ѝ треба ладно пиво за да си ги смири нервите, па земавме по едно пиво од дуќанче, и ја однесов на долгиот парк Мода, кој се простираше покрај самиот Босфор, далеку од човекот кој бледнееше.

Почнавме да зборуваме за пишување. Таа предложи да размениме текстови за да споделиме критики. Уживаше да ми го изговара името со насладување на десетгодишно дете што јаде богато парче чоколадна торта.

„Сѐ уште не знам ништо за твоето пишување, Маја, ама имам откриено дека една работа што помага е искреност, знаеш, за да можат луѓето самите да се препознаат во твоите зборови. Треба да се соголиш за читателите да чувствуваат дека навистина им кажуваш нешто.“ Ја заврши реченицата со самозадоволна насмевка.

„Инсинуираш дека треба да личам повеќе на тебе?, ја закачнав.

„Не инсинуирам, Маја, постулирам. Маја, пчеличката Маја. Пробај барем во пишување. Соголи се.“ И се соголив, за неа.

***

Почнавме често да се сретнуваме во паркот Мода, на истото место каде што завршивме тој ден, каде што избегавме од сенката на сивиот Ефраим. Беше приближно на исто растојание од нејзиниот дом и од мојот, се наоѓаме на пола пат, велеше Рене со тајна насмевка.

Еден ден, таа ми читаше белешки од некој мој краток расказ испружена на стомак на покривката со мандала која истуткано се простираше на тревата. Сладникаво дрдореше за тоа што ѝ се допаѓа во расказот, па претпазливо и перцептивно коментираше дека ми фали ефективно дејство. Па потоа се враќаше на фалење, да ме осигури, и ќе продолжеше да ме храни, да не слеташе една топка токму покрај неа.

Ја погледна со зачудување додека еден дечко оддалеку почна да трча кон нас извинувајќи се. Рене веднаш се насмевна и скокна на нозе, му ја подаде топката, го осигури дека сѐ е во ред. Дечкото дојде до нас, продолжи да се извинува, а Рене го опушти со смеење и со благи допири на неговото рамо. Уживај бе, што ти е! Рене предложи да им се придружиме, ме повлече за рака да станам, ѝ реков не, фала, може попосле, оди ти.

Ја гледав како игра фудбал, слободно детенце, со луѓе што првпат ги гледа во животот. Набљудував како ништо не ѝ значи дали ќе ја прими или пропушти подадената топка, како не ѝ е гајле дали ќе ја испрати во точен правец, како се смее… како да ги знаеше нив и играта сиот свој живот. На секои десетина минути дотрчуваше до мене да праша, достадно ти е? За јас да ѝ одговорам, никогаш не ми е досадно. Имам тетратка, имам книга, ве имам вас…

На крајот на играта, групата се придружи околу мојата покривка со мандала, и сите маѓепсани и обземени од Рене ја слушаа како раскажува за своите кампувања низ Европа, за маалото во кое живееше во Истанбул и стариот оженет бакалџија кој еднаш месечно барал број од нејзиниот геј цимер, со пауза за леле колку е убава лупава! Од дедо ти е? Зошто е овде… за како не искусила никаков културен шок кога се преселила, и дека самиот концепт е американска измислица, со пауза за видете како откачено растат дрвјана, гранките им се спојуваат, како да ќе се обединат, за нејзината тарантула, за нејзиниот нов фрижидер кој ја буди секоја ноќ во точно два часот по полноќ со чудно зуење…

Рацете ѝ танцуваа додека вадеше наративи од своите плитки и длабоки води, а ја гледав со сличниот занес како тој на групата. За нив, Рене не раскажуваше приказни што никогаш не ги слушнале, туку ги раскажуваше на начин на кој не ги чуле претходно. Јас не бев обземена затоа што Рене ми беше егзотична или интересна, туку затоа што беше шеќерната антитеза на моето битие. Рене беше сѐ што не бев јас, и беше сето тоа на начин кој беше изненадувачки возбудлив. Некој до мене ме праша од каде сум јас, одговорив кратко, и се свртев повторно да ја набљудувам Рене, Рене и нејзините кратки допири на колената, дланките, и рамениците на луѓето околу неа, кои, еден по еден, развиваа чувство дека ја знаат сиот свој живот.

Откога се стемни, групата нѐ покани да им се придружиме во нечиј стан на пијачки и пантомима. Рене испушти крик, обожавам пантомима! Но не денес, следен пат, ветувам! Првпат, по долги часови, прозборев кога се збогував со групата која најверојатно не се сеќаваше на моето име – иако Рене неколкупати се потруди да ме вклучи во разговори за ова или она, разговори кои мене ми беа попријатни како слушател.

Останавме само ние две, покривката, малата кошничка во која тажно лежеа испразнети кутичиња од изедените јагоди и сендвичи, и лупата од нечиј дедо која толку ѝ се допадна на Рене. Ха! Лупата ја заборавиле. А тебе баш ти фати око, ѝ се насмевнав. Како што ја диплев покривката забележав дека Рене ме следи со погледот. Кога се исправив дојде пред мене со лупата помеѓу прстите, ме погледна со очи што ја рефлектираа уличната светилка, и рече ај кај мене.

***

Недостатокот ја одредува желбата. Мислата ми доползуваше во сонливо заматените утра кога се будев во креветот на Рене, мрзливо отворајќи ги очите кон осветлениот терариум, домот на тарантулата чие име не успеав да го запомнам. Кога зборувавме цела ноќ и заспивавме дури во утрото, истата мисла ме будеше попладне, кога сонцето ги бојадисуваше розовите завеси во темнопурпурна боја, а снопови светлина се одбиваа од големиот ловец на соништа над главата на креветот. Таа имаше извезено мали парчиња батик ткаенина со цртежи од разни бубачки и ги имаше сошиено во октагоналните дупки во мрежата. Недостатокот ја одредува желбата.

Луѓето беа нејзин дневник, немаше концепт за „приватност“. Ми се чинеше дека секогаш беше во процес на исповедување, додека јас го распределував својот товар во организиран ментален подрум. Таа секогаш беше во движење, perpetuum mobile, додека моите гестови, иако не беа калкулирани, беа сигурно одмерени. Таа зрачеше со енерија, како сонцето. Јас бев повеќе ѕвезда што паѓа, метеор кој е неколку секунди на небото…

Енергијата што таа ја оддаваше беше речиси инвестиција од нејзина страна бидејќи го користев тоа што ми го даваше за да правам работи за неа. Си го најдов старото сино укулеле и ги препишав омилените песни на Битлси, за неа. Правев колачи, за неа. Копав да најдам стари колумни и раскази, за неа. Тоа што таа го даваше секогаш и го добиваше, но не ми беше гајле бидејќи никој на светов не се радува како што се радуваше Рене.

Кога заглавувавме во разговори до сабајле, нејзините гестови, нејзините аха на моите одговори, жедта во нејзинот перформанс како публика, составен од мљацкање, подгризнување на долната усна, разделување на усните замајана во моите зборови, нејзиното целосно внимание, проследено со обичното ѕенѕање, правеа да изгледа како да е на експедиција во која ужива да ме открива, искусува. Без разлика колку пати ми шеташе погледот додека зборувавме, нејзините очи секогаш чекаа, фокусирани, да се сретнат со моите. Ја наклонуваше главата, кимаше горе-долу да ме увери дека го впива секој мој збор, споделувајќи ги своите приказни и обидувајќи се да ги открие моите, со прашања за моите претходни врски, моите соништа, моите кошмари, моите трауми… Внимателно маневрирав за да ги заобиколам овие теми, одложувајќи ги колку што можев, додека една маглива ноќ, накај самрак, Рене рече, виткајќи кадрица околу своето прсте:

„Постојано се обидувам да извадам нешто од тебе, Пчеличке. Секогаш го чекам тој посебен разговор на некажани работи.“ Со копнеж погледна надолу, забележувајќи црвени капки од вино кои слетале на чаршафот. Проба да ги впие со салфетка, и го пренасочи вниманието кон мене.

„Како што, на пример?“, ја прашав, борејќи се со чувството дека конечно ќе морам да истурам дел од себе во Рене. „Мислам, еве, зборуваме…“ Во исто време почувствував дека сум станала зависник од неа и од нејзиното битие, кои беа во таква спротивност со мене и моето.

„Не така. Не знам. Што било.“ Ја истегна главата на една страна, откривајќи ја патеката на секоја жила на долгиот врат.

„Ај смени ја песната… или изгаси ја музиката, помина времето за музика.“ Играта беше изгубена, но морав да се обидам.

„Се слушаш често со твоите?“ Сакаше да прашува за мојата фамилија.

„Уште малку ќе почнат да ползат зраците навака… пак заглавивме, утре нема да сум за ништо…“ Исценирав едно проѕирно лажно зевање.

„Раскажи ми го твојот сон од пред две ноќи. Ми кажа само дека си одела кон некоја бела кола во темна уличка, и потоа се стресе… не сакаше да ми го кажеш остатокот. Кажи ми го сега, Пчеличке.“ Имаше наредба во нејзиниот глас. Ги кренав рамениците. Ме погледна тажно, и јас ѝ се предадов.

Ѝ кажав за инцестуозната сцена која следуваше во мојот сон, дека моменти пред да се разбудам во стомакот го носев детето на мојот татко. Ѝ кажав за мојот прв кошмар, каде што ме бркаше лошиот волк од Црвенкапа. Ѝ кажав за своите претходни врски, и како се трудев да им дадам смисла. Ѝ кажав за мојата фамилија. Ѝ кажав како крадевме мед од дворот на комшиите на мој другар, и како потоа, опиени од адреналинот, зад сноп сено, гледајќи ги комшиите како луто ги пребројуваат теглите. Ѝ кажав за моите гревови од детството, и како сѐ уште ми тежат како да сум ги извршила претходниот ден. Ѝ кажав како возвишените моменти прават да се чувствувам осамено, и како глетката на дисекцирано авокадо ми предизвикува сексуални асоцијации. Ѝ кажав дека понекогаш шетам низ куќата на моите родители, отворајќи врати од ормани и одвојувајќи гломазни библиотеки од ѕидот, во омаж на моето детство, кога очајно се обидував да најдам портал до друга димензија. Ѝ кажав дека ја знам позицијата на секоја бенка на своето тело, и дека можам сите да ги лоцирам со затворени очи.

Сончева светлина повторно се одбиваше од терариумот кога конечно ми беше дозволено да замолчам. Рене, емотивно возбудена, ми ја зеде раката во скутот, ја бакна внатрешноста на мојата дланка, ги помина вените на мојата подлактница со врвовите на своите нокти, нежно пајаче на минување, и испрати струи до центарот за задоволство во мојот мозок, тактика која ја научи кога ѝ раскажав како мојата сестра некогаш го правеше тоа за да ми помогне да заспијам.

И навистина заспав, и навистина сонував, и во моите сонови, сите бубачки од нејзинот ловец на соништа се симнаа и лазеа низ целото мое тело, еден момент поканувајќи ме да им се придружам, следниот молејќи ме да си одам, оставајќи бакнежи и убоди по моите глуждови и бедра…

***

Вечеравме во нејзината дневна со нејзиниот цимер (човек со најисправениот грб на светот и ноздри кои често се ширеа за да изразат мислење) и неговиот нов повремен љубовник (човек со најубавата насмевка на светот и бујна коса која изгледаше како да знае дека наскоро ќе одлета како глуварче, па сака да ужива во своите пет минути слава). За чудо, ако имаше некој кој може да ѝ парира на Рене како фокус на внимание, тоа беше нејзиниот цимер. Разликата беше во тоа што тој беше доминантен на гласен и нападен начин, а таа беше доминантна на природен и спонтан начин. Можеби почесто, луѓето чекаа тој да замолчи за таа да зборува. Но за мене беа забавна комбинација: тој ќе кажеше нешто апсурдно и провокативно, а таа ќе го разглобеше, модерираше, ќе го поништеше или ќе му дадеше значење, на доследен, логичен, и оправдан начин. Кога заглавуваа во дискусија, јас ја добивав улогата на доверлив судија. Во други наврати, кога Рене луташе со мислите и – губејќи контрола – се изнесуваше со благо претенциозни ставови, цимерот ја охрабруваше, додаваше јачина на нејзиниот глас, и така заедно патуваа по преплетена мрежа на тинејџерско-романтичарски глупости.

Додека вечеравме во нивната дневна соба, се најдовме во ретка состојба на тишина. Цимерот, во бунт против тишината, со идеја дека ако не се зборува нема што да се каже, и ако нема што да се каже тоа значи дека сме го изгубиле меѓусебниот контакт како група, почна да дроби за политика. Бидејќи Рене не беше многу запознаена или заинтересирана за политика, брзо ја смени темата на книжевност. Сфатив дека сака да остави добар впечаток пред новиот љубовник на цимерот, кој работеше како преведувач во издавачка куќа.

Прв пат почувствував дека ми пречи настапот на Рене, бидејќи прв пат го прочитав како наменски, прагматичен. Се искарав самата себе бидејќи знаев дека и тоа е потребно за да се постигне некаков успех. Се обидов без предрасуди да следам како Рене преоѓа на нејзинита омилена тема – сонови – пред да појдам до тоалет.

Слушав делчиња од разговорот додека ги миев рацете и го следев својот поглед во огледалото. По долги периоди на гледање во некој друг, како Рене, мојот лик ми паѓаше чуден, погрешен. Како фокусот на нејзината структура на лицето да правеше мојата да изгледа побезоблично.

Го слушнав своето име од дневната, проследено со две парчиња разговор: „го отвора патентот“ и „а телефонот ѕвони, и ја дига слушалката!“ И потоа, смеење.

Брзо се вратив во дневната и ја погледнав Рене, која смеејќи се ме погледна, не се лути! Ама имал и он сличен сон, не е толку чудно! Не ми беше гајле дали е чудно, таа знаеше дека не сакав со никого да ги споделувам своите соништа – едвај ѝ ги кажував на неа – бидејќи се плашев дека некој ќе го декодира целиот мој внатрешен свет со интерпретација на еден од моите соништа.

Цимерот се смееше, и во обид да ме опушти рече па добро де, не ја расткајуваме поентата, Рене само раскажува еден добар сон!

Се поздравив и измислив дека имам работа и тргнав да си одам, но Рене ме задржа во ходникот, ми се извини, се растажи, ме гушна, ми објасни дека не разбрала колку ми е важно, даде некакви ветувања… На крајот, кога ѝ реков дека сѐ е во ред но дека сепак треба да одам дома, ми рече, ноншалантно, опушти се, искрено не знам зошто толку ти пречи…

***

Освен што расказите месечно ги издаваше во едно актуелно списание за кратка проза, Рене имаше зад себе и две објавени збирки, Магнети во Вселена и Товарот на Сендмен. Неколку недели ретко се гледавме затоа што ја уредуваше својата трета збирка раскази, од кои некои веќе беа издадени во списанието, во обид да го достигне невозможниот рок зададен од издавачката куќа. Не ми дозволи да прочитам ништо од новите парчиња, велејќи дека сака да ги искусам како што би искусила лонгплеј плоча, каде секоја песна се надоврзува на последната. Освен што, додаде, почнувам со смрт и завршувам со раѓање. Ја чепнав, каде кулминираш? Издува мирислив облак од чад од канабис над нашите глави, и одговори свечено, мазно, на секоја мала смрт помеѓу.

Недела дена пред промоцијата на книгата, се сретнав со Серин во нашето кафуле. Седна гушкајќи картонска кутија полна со хартиени чаши, исечоци од списанија, и летоци за недвижнини во својот скут. По малите муабети, ме праша кој ќе биде промотор на книгата. Ѝ реков дека Антонио ќе ја промовира, ме праша дали Антонио е оној низок, полничок дечко, што ме насмеа, бидејќи јас ја измислив таа финта! Не знаеш некој, а сакаш да дознаеш дали е убав. Фатена на дело, прсна да се смее, додавајќи е па? На кое одговорив, не драга, висок е, црномурен и згоден.

Картонската кутија ја смести на празниот стол, а книгата од која се ширеше новопечатена миризба на масата. Насловот беше Ловец на соништа.

Новата книга на Рене.

Крв ми се слеваше во главата, обидувајќи сѐ да ги маскирам љубомората и збунетоста, додека тие се споија во некаква грутка која полека почна да се искачува по мојот хранопровод.

„Од каде ти е ова?“ Гласот ми излезе висок и затегнат, стигнувајќи до моите уши со задоцнување.

„Само што стигна по пошта…“ Серин перципираше дека нешто не е во ред. Внимателно и емпатично, додаде: „Tи сѐ уште ја немаш прочитано?“

„Не, ова… таа сакаше да ја прочитам штом ќе биде готова, како лонгплеј, што и да ѝ значи. Може?“ Серин кимна, ја подбутна книгата кон мене, и почна да копа низ кутијата со уметнички залихи без јасна цел, наводно во обид да ми даде време да ја сварам ситуацијата.

Поминав по корицата со прстите. Бела пајажина, слична на онаа на подлактницата на Рене, елегантно се испакнуваше од црна заднина, како и насловот и името на авторката. Што е со неа и бубачки, проба Серин, татко ѝ е ентомолог, одговорив. На првата страница имаше посвета:

На мојата драга Серин, која ми помогна повеќе одошто може да замисли.

 Со љубов,

  Рене

Ја прочитав содржината. Во моето грло се вгнезди боцкавата грутка и почна да пулсира. Ја затворив книгата.

„Мислев дека веќе не го правиш тоа. Те немам видено со години да го правиш тоа.“ Серин се беше откажала од глумење дека прави нешто со парчињата хартија, и загрижено ме гледаше како несвесно распарчувам салфетка.

„Не го правам. Не забележав… земи, користи ги за следната хартиена макета. Дали може… ќе ти пречи ли ако ја земам?“ Ја држев озлогласената книга во лизгав фат.

„Секако, врати ја кога сакаш, и така сега немам време за читање. Туку слушај, Маја… можеби требаше порано нешто да спомнам, извини, по сѐ што се случи со Мувата, ама не знаев…“ агресивно тапкаше со задниот дел од пенкалото на отворената страница на малечка тетратка.

„Мувата?“ Грутката во грлото го отежнуваше голтањето, но сѐ уште успеваа да излезат звуци.

„Мувата, Ефраим Ува, нејзиниот бивш. Лошо се разделија, само немав појма, мислам, не знам што правите вие две, а таа ми имаше речено дека тој станал агресивен, рече мажи, знаеш, ама па тој постојано викаше дека…“ Мојот глас, кој конечно се избори за независност од мојата свест, ја прекина Серин за последен пат.

„…му ја украла душата.“ Ѝ се извинив, или гласот се извини, и некако стигнав дома во чуден делириум, силуета на растрепетена анксиозност со нејасен извор и корени над, или под, мојата свест. Свеста, гласот, движењата, станаа одвоени а споени со единствена јасна, лебдечка мисла – ако продолжам да се раздвојувам, дали ќе се дезинтегрирам како одраз во бара откако некој ќе ја скрши површината со камче, или како совршен триаголник од топчиња за билијард кои одлетуваат во геометрички хаос по насилниот удар на белото топче?

***

Со дисциплина која беше над мене во таа состојба, ја прочитав книгата како што таа посакуваше – од почеток до крај, вкусувајќи ја како ебана лонгплеј плоча. Беше симфонија, секоја приказна музичко движење, обединети со црната тема за како траумите ги обликуваат луѓето во жртви и грешници, во свечен пресврт на животниот циклус. Можеби затоа што ја знаев, можеби затоа што чувствував одредени работи за неа, или можеби затоа што се распаѓав, книгата ме допре, ме стресе, ме погали – беше трансцедентална, беше прекрасна и брутална. А сепак, не ја наоѓав неа во текстот, читајќи ја секоја страница со зголемена анкциозност која се претвораше во страв.

Кога стигнав до претпоследниот расказ, веќе се тресев. Беше за дете кое било сексуално злоупотребувано од својот постар брат секој четврток со години, кога родителите оделе на опера, сѐ додека постариот брат не се отселил за студии. Пред мирисот на мајкиниот парфем да го напушти ходникот, пред да се изгуби ехото од далечниот звук на забрзани, задоцнети чекори зад вратата, пред стариот часовник на ѕидот да стигне да го отчука осмиот ѕвон, непоканетата рака на постариот брат доползувала на рамото на детето, еден омразен прст по друг. Расказот го пренесува детето во неговата адолесценција, полна со одмазднички фантазии и напади на паника предизвикани од чудни звуци и мириси, кулминирајќи во уништувањето на стариот часовник. Извишувајќи се над персискиот тепих во салонот облеан со стрелки, срча, и омразени клатна, придружен од осаменото зуење на мува на минување, момчето почнало да губи боја, да бледнее како универзумот – или неговиот креатор, кој, во овој случај, беше Рене – да решил дека треба да ја балансира насилната експлозија на часовникот со нечујното исчезнување на нејзиниот уништувач. Со тажен убод во мојот желудник, се сетив дека посведочив на сличен спектакл, на човек кој исчезнува истиот ден кога ја запознав Рене.

Исцедена и поттикната од делириумот, свртев на првата страница од последниот расказ. Црвена топлина ми ја облеа главата и ја исфрли последната капка вода од моето тело во форма на студена пот, како што по втор пат го читав насловот „Црвен мед“. Ете ја. Приказната за две деца, момче и девојче, кои краделе мед од градината на неговите комшии и после гледале како комшиите го бараат медот, скриени зад сноп сено. Приказната за тоа како девојчето било алчно, за среќата со која момчето го јадело медот, пикајќи го рачето во теглата и потоа голтајќи го целото, со жед за животот која таа никогаш не ја искусила. Приказната за тоа како девојчето љубоморело на неговото свесно присуство,  на неговата невиност. Приказната за тоа како девојчето го удрило момчето со теглата по глава, и како крв измешана со мед закапела по страната на неговото лице, минувајќи покрај неговите широки очи, подуени од солзи и изненадување. Приказната за звукот на амбулантното возило додека неговата мајка ја погледнала исплашено последен пат, пред да се сврти кон своето повредено чедо. Приказната за малото девојче кое, со недостаток на elan vital, беше дијагностицирана од авторката како некој кој копнее да се врати во утробата на својата мајка.

Ете ја. Ете сум.

Мојата приказна. Мојата приказна, мојот срам, мојот товар, мојата душа.

„…погледнете: невини сини очи кои го кријат товарот на садистичко детство, несвареното насилство на тоа да бидеш роден, олицетворено во насилство кон животот…“

Погрешив. Како што продолжив да се раздвојувам, се дезинтегрирав како пчели што избезумено се распрснуваат од кошницата затоа што пипало се нурнало внатре и им ја украло Кралицата.

***

Не ја наоѓав во текстот затоа што таа не беше таму, не вистински. Можеби малку во јазикот, но толку. Се немаше разголено. Во вистинскиот живот изгледаше како таа да е секогаш гола бидејќи немаше што да крие, алиштата покриваа совршено тело. Не, нас, другите нѐ имаше насилно соблечено, бутнато среде плоштадот, валкани и искривени во обезличувачки позиции, обидувајќи се да си ги скриеме гениталиите и испакнатите стомаци, обидувајќи се да се скриеме од љубопитниот поглед на толпата. Беше дело на перформативна уметност што бараше жртви, беше принудна изложба на бубачки што сѐ уште се мрдаа, сѐ уште живи, забодени на плутена табла.

***

Потребни се две пакетчиња бисквити „ети“ за да се премине Босфорот на правилен начин. Галебите летаа над мене на фериботот, одвреме-навреме приближувајќи се преблиску, вешто фаќајќи ги парчињата бисквит што ги откршував и им ги фрлав. Или, несмасно ги испуштаа, потоа се обидуваа да се оддржат во воздухот, надевајќи се дека ќе ги доловат следните. Еден дечко седна близу до мене и почна да ги фотографира одоздола со мал апарат „никон“. Додека паузирав со хранење на галебите за да се нахранам себеси, бидејќи самосожалувањето има ограничена нутритивна вредност, дечкото ми покажа неколку снимки. Изгледаа доста кул.

Рене се имаше јавено неколку пати пред да се откаже. Знаеше што е проблемот, го имаше преживеано претходно. Верував дека никогаш не ѝ бил важен. Единствено ѝ беше важно да ги извади приказните од нас и да ги смести на парче хартија. Знаеше и точно каде да лови. Тие што зборуваат најмалку, носат најмногу нераскажани приказни. Можеби чула како некој вели, што е важно кој зборува? Сигурно било лесно за неа, како некој кој се претворил само во пловило во шемата на својот компартментализиран внатрешен свет, да го достигне тоа мнение.

Еден галеб промаши парче летачки бисквит, се урна на фериботот, и се најде заглавен во простор ограничен од две железни огради. Фрлив парче бисквит близу до местото каде што имаше слетано, да го смирам неговиот срам во поразот. Но, заробена, единствена грижа на птицата ѝ беше да се ослободи од замката. Избезумено се обиде неколкупати директно да полета нагоре, пред успешно, со цикцак движења, да се врати во висините, и повторно да се приклучи на јатото кое лебдеше над нас. Со одново освоена слобода, галебот повторно чекаше да го ранат, среде лет, како вистинска птица. Велеше, бисквитите, едноставно, не се толку вкусни кога ги јадеш од под. Велеше, бисквитите, едноставно, не се толку вкусни кога не си слободен.

***

Цимерот на Рене ми отвори да влезам во станот. Се убедив да чекам во собата на Рене. Златната светлина што некогаш претставуваше сигурен премин помеѓу сон и јаве, сега изгледаше агресивна, фалбаџиска, непоканет гостин на забавата што ги надзборува сите иако никој не сака да го слуша. Сепак, ми беше потребно за последен пат да го искусам просторот, сцената на местото на злосторството, преку некакво тактилно нурнување.

Тоа што го открив кога престанав да доцнам и кога почнав да пристигнувам навреме, е дека тоа ми дозволува да ја одберам масата, седиштето во ќошот на собата што ги надгледува сите туѓи движења. Открив дека можам да ја манипулирам средината по своја волја. Почуствував потреба да го изманипулирам и овој простор, за да си создадам чувство на актер, а не само на набљудувач на својата судбина.

Стоејќи пред креветот, се соочив со големиот ловец на соништа кој го имав испитувано во минати пригоди, восхитувајќи се на вниманието со кое Рене ги сошила малите бубачки во октагоните на пајажината. Не бев изнедадена кога видов пчеличка додадена во една од тие октагонални дупки, неколку места помеѓу молец и мува.

Замислив како пчеличката се одвојува од ловецот, како зуи покрај мене. Замислив како пчеличката слетува на лупата уловена од паркот, која стоеше до терариумот. Замислив како ја подигнувам лупата, и ми текна дека не мора да замислувам.

Ја подигнав лупата и со неа ги упатив фалбаџиските зраци кон таа голема пајажина на ѕидот, нејзиниот ловец на соништа. Поедноставено, го упатив непоканетиот гостин на забавата кон некој што ме иритира, да го дави него со детали за својата нова кола.

Како што пламенот почна да се шири бавно и глатко, танцувајќи по конците, со олеснети гради тргнав накај дома. Ме облеваше чувство на пријатно, лесно утро кое следува по пијана ноќ без казна од мамурлак. А сепак, непокорно делче од мене прашуваше – дали ставив крај на својата приказна или на нејзината?