#РаскажиМи: „Анксиозни сништа“ од Станка Бајлозова-Барламова

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Анксиозни сништа“ од Станка Бајлозова-Барламова.

Анксиозни сништа

Градот спие замотан во густата магла на бескрајното универзумско сивило. Во третиот блок на улицата сите светилки се изгаснати. Од спротива се издига зграда каде најлевиот прозорец на аголот се претопува во жолта призрачна светлина. Единствените звуци кои допираат до улицата, доаѓаат од правец на единствениот осветлен прозорец во околината, кое како мало жарче ја гори глувата темнина на ноќта. Две женски силуети се приближуваат до прозорското стакло, чија провидност отвора простор за доследно набљудување на
внатрешноста од станот, чии излуштени и дотраени ѕидини оставаат впечаток на пеколна зандана.

Девојката неконтролирано мавташе со двете раце, додека неколку капки пот ѝ го наросуваа челото.
– Ти не си добро. Твојата состојба од ден на ден, ти прави да се чувствуваш сѐ полошо. Те молам душо, испиј ги пилулите. – изразот на лицето на постарата жена оставаше впечаток на загриженост.

Врз работниот простор од кујната имаше расфрлено неколку кутивчиња од медикаменти, кои постарата жена само што почна да ги прибира и собира назад во кутивчињата, заедно со упатствата.
Со доследна сигурност и цврстина во движењата, се доближи до мијалникот каде стаклената чаша ја наполни со вода и заедно со неколку жолти пилули ѝ ги подаде на Ева, чии растреперени дланки едвај го додржаа проѕирното стакло.
– Сега јас ќе одам, а ти спиј драга. Утре ќе бидеш подобро. – ја погали девојката по нејзината долга коса, од која в раце ѝ останаа неколку црни влакна кои жената ги протри меѓу палецот и показалецот, а потоа намерно ги пушти на подот, оставајќи ги да ги проголтаат раскошните свилени конци на црниот килим.

По некои десеттина минути Ева остана сама во станот. Откако ја заклучи влезната врата и го изгасна жолтото светло, во зградата згасна и последната светилка која до пред малку призрачно го осветлуваше последниот прозорец во околината. Со тромавост во зглобовите и колената се упати во спалната соба. Го спушти телото во памучната прекривка, а тешките пранги на сонот полека ѝ ги затвораа очните капаци, ослободувајќи ги мускулните влакна и препуштајќи се во состојба на слободно дишење, каде протегнатите дланки и стапала имаа потреба да се спојат и да станат едно со топлиот памук на ќебето.

Неколку часа после полноќ, нејзиното тело почна да се претопува во состојба на бестелесна свесност. Посакуваше да ги отвори очните капаци, но тие беа потешки од најтешкиот товар што некогаш го имаше подигнато со двете дланки. Низ монокл на задушлива и маглива мембрана, почна да ја набљудува темната просторија која како да се нишаше во ритам на колепка со мртво бебе. Не можеше да осознае дали сонува или преминува во состојба на свесност. Почувствува огромна жед, па ја зграби чашата вода од помошното масиче до креветот.

– Чудно. – помисли. Колку што можеше да се сети во ниту еден момент претходно не остави чаша со вода врз помошниот простор.
Слушна звук на шкаф што двократно се отвори и затвори и истиот како да доаѓаше од дното на ходникот. Стана и тргна кон вратата на спалната, но истовремено се сврте кон креветот и си го виде сопственото тело како приковано за душекот се топеше во длабок и бескраен сон. Продолжи да чекори по темниот ходник. Во дното, вратата на последниот шкаф се нишаше лево десно, а сите банкноти и кредитни картички од паричникот беа немарно растурени по подот. Во мигот кога се наведна да ги собере растурените предмети, погледна во металното копче на паричникот и во малото кругче виде раскрвавено женско лице чија седа коса беше покриена со жолта детска капа. Инстинктивно ја сврте главата назад и истата фигура што пред малку ја виде во металното копче, ја турна Ева на подот, а раскрварените усни и зажарените очи крвожедно посегнаа по девојката. Мавташе со дланките и нозете во обид да го ослободи телото, но силата што го нападна нејзиниот физикус не беше земна. Крволочното суштество со фигура на жена и празно лице, ги зари забите во левиот образ на Ева, каде патем откина и неколку влакна од нејзината црна коса кои веднаш станаа едно со свилените конци на бујниот килим. Девојката крикна со сиот свој глас и во секундата на мигот кога ги отвори очите и го исправи телото, сфати дека се наоѓа во креветот на спалната соба каде пред неколку часа потона во сон. Ја подигна главата, со погледот прошара низ просторијата која изгледаше празна и по втор пат отпи од чашата со вода која сѐ уште стоеше на помошната ноќна масичка. Чашата изгледаше негибната од пред малку и повторно беше наполнета со вода до самиот врв. Во состојба на сонливо бунило, Ева не ни забележа дека чашата по втор пат беше наполнета до крај. Со двете раце го подигна стаклениот предмет, па жедно и лакомо ја испи и последната капка вода од садот. Два пати ја промени положбата во спиењето, и веќе по петнаесеттина минути главата и колената ги почувствува толку тешки колку што воопшто можеше да се сети на најтешкиот физички товар што ѝ предизвикуваше мачнини во зглобовите.

Некаде кон три часот наутро повторно стана од креветот и се упати кон вратата од спалната соба. Се сврти кон креветот за спиење и уште еднаш си го виде сопственото тело како во положба на мртовец парализирано спие во белата постела. Продолжи со чекорите по темниот ходник и ја фати кваката од вратата која водеше во шпајазот. Нејзините боси стапала беа толку студени како да газат по мермерни гробови плочи, а не по дрвената подлога од станот чие подно греење беше секако вклучено. Во шпајазот имаше безброј предмети кои Ева ги таложеше низ текот на годините. Отвори една картонска кутија полна со фотографии чии краеви почнале да се виткаат ко слаби, долги и кршливи женски нокти. Извлече една од фотографиите од дното. На малото парче хартија во боја, заедно со Игор стоеја пред неговата роденденска торта. На сликата Игор ја носеше омилената жолта капа што му ја подари токму Ева. Игор беше нејзиниот единствен помал брат кој почина на само седумгодишна возраст. Еден ден заедно со Ева ја имаа украдено пушката од визбата, со која дедо им ги пукаше врапците кои му го колвеа зеленчукот од градината. Еден кобен октомвриски ден, Ева во игра го притисна чкрапалото, а игличката влета во градите на Игор.

Во темнината на шпајазот почна да плаче и да си ја кубе косата, гледајќи хипнотизирано во сликата. Во шкафот почна да наслушнува звук во ритам на глувчешко топотење. Полека се приближи и токму кога со десната дланка ја допре дрвената рачка, две крвави раце ѝ ги зграбија екстремитетите. Треснувајќи со телото на подот, Ева по втор пат се судри лице в лице со крвавото женско суштество чија седа коса повторно беше покриена со жолта детска капа, чии краеви изгледаа излитени и дотраени. Дофати еден остар предмет кој најверојатно беше мало сечило и го зари во слабината на крволочното суштество, чија снага и силина беа неспоредливи со евините. Ева потрча кон салонот не знаејќи и сама за точната своја намера, но се обиде да го отвори прозорецот и да го провне телото низ отворената рамка. Во истиот миг почувствува како нејзиното тело го зграпчија две дланки кои како тешко олово ѝ ги надвиснаа плеќите. Посака да го фрли телото од висококатницата и да се ослободи од кошмарот, но крвавите дланки ја повлекоа назад во темната просторија, заривајќи ѝ ги ноктите повторно во левиот образ во делот на јаболчниците. Во мигот кога крикна, се разбуди и повторно се најде во креветот на спалната соба. Забрзаното дишење ѝ го поттикнуваше погледот да трага низ просторијата. Немаше никого. Отпи неколку голтки од чашата вода која повторно беше полна до крај. Во устата почувствува мирис на лекови, но помисли дека најверојатно сѐ уште ѝ мирисаат пилулите кои ги проголта пред да заспие. Веќе подолг период ја измачуваа кошмари и безброј непроспиени ноќи. Сметаше дека ноќните кошмари се најверојатно резултат на пилулите кои ги конзумираше подолго време во полза и лекување на анксиозноста, од која страдаше уште како дете.

В зори додека Ева сѐ уште тонеше во длабок сон, во ритам на машина за ткаење, се слушаа човечки чекори кои доаѓаа од дневната соба. Старицата која пред полноќ се наоѓаше во станот беше сѐ уште овде. Изгледаше како воопшто и да не беше заминала. Седеше на фотелјата со вклучен лаптоп во скутот и гледаше некакви снимки. На една од снимките (која беше доста стара и потекнуваше најверојатно дваесет години на назад), малата Ева ја молеше мајка си да престане да ѝ удира шлаканици по левиот образ. Иако звукот на снимката беше делумно оштетен, хистеричното липање и плачење на детето беше фрапантно. Другите неколку снимки покажуваа материјал кој беше снимен во текот на ноќта. На снимките постарата жена постојано дотураше раздробени апчиња во чашата вода од која Ева отпи дури неколку пати. До отворениот лаптоп старицата беше отворила една тетратка, во која имаше залепено слика од малиот Игор и уште една до неа од големата Ева, која штотуку ја зграпчи и ја претвори во неупотреблива згужвана хартија, со која секој миг имаше намера да даде кош во најблиската корпа со отпадоци. Во една од дланките држеше жолта детска капа која непрекинато ја стискаше во тупаница.

***

Станка Бајлозова-Барламова (1993, Гевгелија) дипломирала на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2020 година ја објавила книгата раскази, „Силуети“ во издание на „Антолог“. Денес работи во областа на литературната дејност во ЈОУ Дом на култура „25 Мај“ во Валандово.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.