Работодавците во Узбекистан со нов закон можат да отпуштаат невакцинирани вработени

Узбекистанските власти усвоија закон според кој работодавците имаат право да не вработуваат или да ги отпуштат оние кои не се вакцинирани против коронавирусот, соопштија узбекистанските државни медиуми, пренесува Франс прес.

Таа мерка доаѓа во рамки на напорите на властите на Узбекистан да ја забрзаат вакцинацијата на населението поради делта сојот на коронавирусот кој е присутен во земјата.

Претпријатијата од сега ќе можат да ги „суспендираат“ вработените кои ќе одбијат да се вакцинираат против коронавирусот.

Исклучок ќе бидат вработените кои од здравствени причини не можат да примат вакцина, се наведува во законот кој го потпиша претседателот на Узбекистан Чавкат Мирзиојев.

Узбекистан е земја од Централна Азија со над 34 милиони луѓе, се граничи со две земји, Таџикистан и Туркменистан, кои веќе ги направија вакцинациите задолжителни за граѓани над 18 години.

Другиот сосед, Казахстан, земја со 19 милиони жители, нареди задолжителна вакцинација за повеќето работници минатиот месец.

Узбекистан досега регистрираше повеќе од 130.000 заразени со коронавирусот од кои 890 починаа.