Во НУ Музеј на македонската борба за самостојност во Скопје на 11 март 2026 година, со почеток во 10:00 часот, ќе се одржат работилници посветени на програмата Креативна Европа – Култура и МЕДИА, на тема „Соработувај, креирај, додај вредност“.
Настанот е во организација на Канцеларијата за Креативна Европа при Министерство за култура и туризам на Македонија, во соработка со Канцеларијата за Креативна Европа на Унгарија и организации од земјава кои веќе се корисници на програмата.
Програмата ќе започне со информативна сесија на која учесниците ќе се запознаат со можностите што ги нуди програмата за поддршка на културни и креативни проекти. Од 12:00 часот ќе се одржат две паралелни работилници: една за потпрограмата Култура во НУ Музеј на македонската борба за самостојност, и друга за потпрограмата МЕДИА во Археолошки музеј.
На работилниците учесниците ќе добијат информации за повиците за 2026 година, ќе слушнат искуства од организации кои веќе реализирале проекти со поддршка од програмата, како и практични насоки за подготовка на успешни апликации. Предвидена е и работа во групи со цел развој на нови европски проектни идеи.
Работилниците се отворени за сите организации и професионалци од културниот, креативниот и филмскиот сектор кои се заинтересирани за учество во програмата и за развој на меѓународна соработка во областа на културата и креативните индустрии.



