Пуштена првата комерцијална 5Г мрежа во земјава – засега достапна само во 15 градови

Компанијата „Македонски Телеком“ ја пушти првата комерцијална 5Г мрежа во Македонија и овозможи користење на 5Г услуги паралелно и во комбинација со 4Г, информираат оттаму.

Мрежата ќе можат да ја користат корисниците кои се наоѓаат во градовите што се покриени со 5Г, односно во Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Битола, Прилеп, Крушево, Охрид, Струга, Ресен, Струмица, Радовиш, Гевгелија и Дојран, но потребно е да имаат и соодветно сертифицирани 5Г уреди.

„Од овој месец започна имплементацијата на 5Г во Скопје и околината, а до мај, сите корисници од главниот град и поширокиот скопски регион ќе имаат пристап до 5Г услуги. До крајот на октомври 2022 година, со опрема од најновата генерација ќе бидат покриени 26 градови во Македонија“, велат од „Македонски Телеком“.

Дополнително, тие велат дека мрежата е подготвена да овозможи супер брз гигабитен мобилен интернет, по завршувањето на процесот за доделување на радиофреквенции за радио опсезите на 700MHz и 3.6GHz од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

„Го исполнивме еден од најважните предуслови за четвртата индустриска револуција, а со добивањето на новите 5Г радиофреквенции, оваа технологија ќе го достигне својот вистински потенцијал, а нашите корисници ќе ги добијат брзините кон кои целиме“, изјави Никола Љушев, главниот извршен директор на компанијата.

Од „Македонски Телеком“ се децидни дека големите брзини и капацитети на новата 5Г мрежа ќе донесат револуција во корисничкото искуство, молскавично брзо споделување содржини и мала латенција во комуникацијата.

„Оваа технологија ќе биде движечка сила за развојот на нови фукционалности и досега невидени услуги и производи коишто ќе ни го поедностават и подобрат животот во сите сфери. Користењето на сите напредни функционалности од оваа мрежа ќе се одвива постепено во текот на наредните години, заедно со растот на можностите на новите технологии“, додаваат тие.